Tuesday, May 7, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈФудбалРашфорд ги скроти „Тигрите“ во продолжението, нова победа за Јунајтед!

Рашфорд ги скроти „Тигрите“ во продолжението, нова победа за Јунајтед!

Хал се држеше до самиот финиш благодарение на расположениот Јакуповиќ, кој денес беше одличен против Јунајтед се до 92 минута од натпреварот кога џокерот Маркус Рашфорд го постигна победничкиот погодок. Последниот натпревар од саботната програма за третото коло од англиската Премиер лига меѓу Хал и Манчестер Јунајтед заврши со минимална победа на „Ѓаволите“.

Одлуката падна во судиското продолжение кога резервистот Маркус Рашфорд од петерецот го матираше денес одличниот Јакуповиќ. Прв се закани Ибрахимовиќ уште во 10 минута, Швеѓанецот упати добар удар со глава после центаршутот на Марсијал, но топката помина за малку над пречката. На средината на првото полувреме Снодграс ја имаше првата сериозна закана за Хал, шутираше од нешто повеќе од 25 метри, но не беше доволно прецизен.

Финишот на првиот дел им припадна на гостите, Мата и Руни беа опасни по голот на Јакуповиќ, се остана на закани, Швајцарецот беше маестрален. Во продолжението повторно доминација на „црвените ѓаволи“, но повторно без ефект. Мурињо го смени Марсијал и го внесе Михтарјан во игра, потоа и Рашфорд на местот на Мата, двајцата резервисти имаа добри шанси за гол, но како што рековме Јакуповиќ го стави „клучот на бравата“.

Се обидуваше и Пол Погба од дистанца неколку пати, а бедемот на домаќините конечно беше срушен во 92 минута кога Маркус Рашфорд од непосредна близина ја спроведе топката во мрежата после одличниот продор на Вејн Руни по левата страна. Манчестер Јунајтед после три одиграни кола има три победи и ќе се најде на првото место на табелата во Премиер лигата, додека Хал Сити останува на шест поени.