Saturday, Apr 20, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈРакометШампионки – Вардарки го победија Митјиланд

Шампионки – Вардарки го победија Митјиланд

Вардарки со една нога веќе се на четвртиот по ред фајналфор тунир во Лигата на шампионите, откако славеа победа на гостински терен против Митјиланд со 26-28, во првиот натпревар од четвртфиналето. Иако испушти шанса и за многу поубедлив триумф, македонскиот шампион ја оправда улогата на фаворит во овој дуел, доминираше на теренот во првото полувреме, малку повеќе грешеше во второто, но на крај сепак, славеше гостинска победа – пренесува екипа.мк.

Во отуството на тренерот Ирина Дибирова која не отпатува со екипата во Данска, тимот од клупата го водеше спортскиот директор Едуард Кокшаров, а му асистираше Аце Станковски. Но, промените на клупата, овој пат не се одразија премногу на играта на вардарки, кои максимално го искористија својот потенцијал, во поголемиот дел одиграа дисциплинирано и постигнаа победа која им обезбедува мирен четвртфинален реванш на 15 април во Скопје и им го отвора патот кон Ф4 турнирот во Будимпешта.

Изненадувањето на „резервниот“ тренерски тандем на клупата на Вардар за противникот беше одбраната 5-1 со Андреа Кликовац, а потоа и со Тамара Мавсар напред, наместо вообичаена одбрана 6-0. Новитетот во играта на „црвено-црните“ добро функционираше на терен и им донесе позитивен резултат. Домашните ракометарки не успеаја да најдат соодветно решение во нападот и вардарки брзо направија резултатска предност која потоа беше недостижна за данскиот тим.

На средината од првото полувреме, со двата гола што ги постигна Барбара Лазовиќ во серија и тоа во периодот кога беа со играч помалку на терен, Вардар дојде во водство со 7-10. Ефикасната серија на „црвено-црните“ ја надополнуваше Андреа Пенезиќ која постигна шест гола во овој дел и беше нерешлива енигма за одбраната и за голманките на Митјиланд. А сето тоа резултираше со зголемување на позитивата на македонскиот шампион до највисоки седум гола разлика (11-18). Вардарки играа сигурно во одбраната и прецизно во нападот со 78 процентна реализација на шутот во првото полувреме што им донесе сигурност во играта и шест гола предност на крајот од првиот дел (12-18).

Во второто полувреме, Митјиланд се обиде да ги консолидира своите редови и со брза игра во нападот успеа да ја преполови негативата намалувајќи на 19-22 во 41.минута од натпреварот. За разлика од речиси берспрекорната реализација во првиот дел, во првите десетина минути од второто полувреме, падна концентрацијата кај „црвено-црните“, а домашниот тим настојуваше да го искристи овој пад. Но, данскиот тим, сепак, немаше доволно сила и квалитет за да ја загрози посериозно предноста на Вардар. Вардарки се вратија во препознатливиот ритам, на сцена стапија Ања Алтхаус и Андреа Лекиќ, двете реакометарки кои првиот дел го минаа на клупата и одново го вратија Вардар на сигурна позитива (21-26) на стартот од последната четвртина. Но, кога веќе се чинеше дека натпреварот е решен, одново вардарки влегоа во лоша серија, седум минути не успеваа да постигнат гол, а Митјиленд ја искористи својата шанса направи серија од 4-0 и дојде на гол разлика (25-26) на осум минути пред крај. За среќа на „црвено-црните“, данските ракометарки не го искористија нападот за изнедачување, а Лекиќ конечно ја прекина лошата серија на Вардар погодувајќи за 25-27. Со два гола предност (26-28), вардарки влегоа и во последната минуата од натпреварот и успеаја да ја сочуваат оваа предност до крај.

Најефикасна кај Вардар беше Андреа Пенезиќ со седум гола, Барбара Лазовиќ постигна пет, а Александра Лакрабер додаде четири гола. Амандин Лејно го заврши натпреварот со 13 одбрани. Во составот на Митјиланд, листатат на стрелците ја предводеше Трине Јенсен со пет гола, а Сабине Енглерд запиша 11 одбрани од кои 1о во второто полувреме.