Sunday, May 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаРафали меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и СЈО-обвинителката Ленче Ристоска

Рафали меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и СЈО-обвинителката Ленче Ристоска

Веќе згаснатото поранешно Специјално јавно обвинителство, не толку одамна беше прв поим за надеж за правда во една држава со руиниран и урнисан судско-обвинителски систем.

На сите испитувања на јавното мислење, судиите и обвинителите по доверба кај граѓаните се наоѓаат на самото дно. Дури и под политичарите. Создадено под притисок на меѓународната заедница како против одговор на „заробеното“ судство, СЈО во почетниот период на своето функционирање имаше галактичка слава во македонскиот политички и јавен простор.

Барем, кај т.н слободоумна јавност, која беше жедна за правда. Меѓутоа, шефицата на СЈО, Катица Јанева, место да ги улови „ крупните криминални риби“, во мрежата која ја фрли, се заплетка самата во неа, од неискуство, алчност или од двете. 

Историјата е позната, Катица Јанева доби правосилна пресуда за одлежување на казна затвор од 7 години во мегааферата „ Рекет“, во која првообвинет е познатиот Бојан Јовановски- алијас Боки 13.

Од говорот по повод најголемиот национален и државен празник, одржан на Пелинце, претседателот на Републиката, Стево Пендаровски истакна дека и  „самото СЈО станало дел од организираниот“ криминал, разочарувајќи ги комплетно граѓаните, и урнисувајќи ја нивната желба за правда.

На овие зборови, не остана должна, една од првите придружнички на Јанева, обвинителката Ленче Ристоска, која заедно со колешката Фатиме Фетаи, уживаа огромна популарност во јавноста. 

-Кога Претседател на држава дава генерализирана квалификација дека цела институција, алудирајќи на Специјалното јавно обвинитество, станала дел од организираниот криминал, тој не само што изнесува невистини и клевети кои засегаат во кредибилитетот на сите кои работеле во Специјалното јавно обвинителство и на нивната работа, не само што го прекршува уставното начело на пресумпција на невиност (се уште нема правосилна пресуда за никој од тоа обвинителство која упатува на инволвираност во организиран криминал), туку и од позиција на авторитет влијае на креирање на перцепцијата и јавното мислење за причините поради кои повеќе не постои СЈО. Нема да навлегувам во дебатите кои се водеа помеѓу сите клучни чинители за носење на новиот закон за Јавно обвинителство, нема да го елаборирам моето мислење за новиот Закон за јавно обвинителство, нема да го коментирам начинот на кој СЈО згасна, но ќе кажам дека СЈО не се распадна затоа што стана дел од организиран криминал и граѓаните можеби се разочарани од она што се случи со специјалната јавна обвинителка, но не се и не беа разочарани од СЈО како институција, пишува Ристоска на Фејсбук.