Friday, Apr 26, 2024
HomeИздвојувамеПросечен скопски шофер

Просечен скопски шофер

За да го преживеете патешествието наречено возење низ главниот град, потребно е: око соколово, натпросечни рефлекси и добро истренирани нерви.

Просечниот скопски шофер нема навика да стави појас, да си го намести ретровизорот или да го извади телефонот од џеб пред да го стартува возилото, тоа секогаш го прави за време на возењето. Зборувањето на телефон е главна занимација за време на здодевното возење, после сирената, се разбира, бидејќи зуењето во главниот град не би било толку „милозвучно“ без неа.

Просечниот скопски шофер се однесува како сите ленти на булеварот да се резервирани за него. Тој нема навика да користи трепкач кога се престројува, нели – останатите учесници во сообраќајот нема потреба да знаат дали тој ќе го промени правецот или ќе ја намали брзината. Просечниот скопски шофер секогаш, буквално секогаш, врти лево или десно од средната лента, а и зошто би се престројувал, се е негово, другите ќе кочат.

Тој секогаш брза, влегувањето во „ножички“ е ултра „фраерско“. Мрази да стои на црвено, но кога веќе мора да чека, тогаш полека си пали нова цигара, пишува порака на големиот андроид и си пребарува по радио станиците. Секогаш е потребно некој да го „разбуди“ кога ќе се запали зеленото светло. Просечниот скопски шофер ги знае сите пцовки на памет.

Пешаците се неговиот најголем кошмар, а застанувањето на пешачки премин е ретка глетка (кога во близина не е паркирано полициско возило). Не, просечниот скопски пешак не е „цвеќе за мирисање“, но за него во наредна прилика.

Кога ќе дојде време за паркирање, на просечниот скопски шофер му претставува вистинско задоволство да зафати две паркинг места или да блокира друго возило. За жал, авто школите се уште не нудат совет и решение како да се справите со овој вид.

Автор:Кристина Атовска

Не е дозволено преземање на оваа содржина без согласност на редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница