Friday, Apr 26, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈПотврдена забраната за учество на Русија на Параолимписките игри во Рио

Потврдена забраната за учество на Русија на Параолимписките игри во Рио

Параолимписките игри во Рио де Женеиро ќе се оддржат без учество на руски спортисти. Меѓународниот спортски суд ја потврди комплетната суспензија на руските спортисти поради аферата со државниот допинг во Русија, пишува Дојче Веле.

Судот за спортска арбитража во Лозана (КАС) ја потврди забраната за параолимпискиот тим од Русија за учeство на Игрите во Рио де Женеиро поради систематскиот допинг во земјата. Спортистите од оваа земја нема да можат да настапуваат на Паролимписките игри кои се на програмата од 7. до 18. септември. Меѓународниот параолимписки комитет (ИПЦ) ја суспендираше Русија од Игрите во Рио, по што следеше руска жалба во КАС, но и таа сега е одбиена.

Одлуката на ИПЦ да го забрани учеството на Русија е „пропорцијална во дадените околности, додека Рускиот параолимписки комитет не поднесе никаков доказ спротивен на тврдењата на ИПЦ“, стои во соопштението на КАС, кое ќе биде во целост објавено во текот на денот.

Во соопштението се наведува дека Рускиот параолимписки комитет не приложил ниту еден документ кој противречи на фактите изнесени во Меклареновиот извештај, во кој е откриен и објаснет систематскиот допинг во Русија. Во меѓувреме, во Русија е започната петиција ИПЦ да ја промени својата одлука.

„Веруваме оти одлуката да се суспендираат параолимпијците од натпреварот и да имаат колективна одговорност за прекршоци кои не ги сториле е против основните принципи на меѓународното право и на европските вредности“, стои во петицијата.

Одлуката на Судот за спортска арбитража (ЦАС) да се придржува до забраната за учество на Русија на Параолимпијадата во Рио покренува сериозни прашања од аспект на човековите права, гласеше пак реакцијата на руското Министерството за надворешни работи која ја цитираше новинската агенција РИА. И рускиот министер за спорт Виталиј Мутко ја осуди одлуката на КАС за отфрлање на жалбата против забраната на Русија да учествува на Параолимпијадата во Рио како политичка .

„Одлуката не е во правен домен“, го цитираше агенцијата ТАСС Мутко.

„Тоа е повеќе политичка отколку правна одлука. Нема причина за отфрлање на жалбата, но тоа се случи“, рече Мутко.

На Олимписките игри во Рио де Женеиро немаше комплетна атлетска репрезентација поради допинг.