Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПочна процедурата за избор на нов државен јавен обвинител

Почна процедурата за избор на нов државен јавен обвинител

Владата на денешната седница одлучи да побара од Собранието да распише оглас за избор на нов државен јавен обвинител, кој треба да го замени разрешниот Марко Зврлевски.

„Согласно член 41 од Законот за јавното обвинителство, Владата одлучи да предложи на Собранието да го огласи именувањето на јавен обвинител“, стои во краткото соопштение објавен на профилот на Владата на „Твитер“.

Со известувањето на Собранието почнува процедурата за избор на нов државен јавен обвинител. Парламентот сега треба да распише оглас, објавен во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника, апо истекување на рокот за пријавување, кој изнесува 15 дена од објавувањето, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители за пријавените кандидати. Мислењето на Советот, кое се дава во рок од 15 дена е обврзувачко за Владата, која пак предложените кандидати ги доставува до Собранието.

Ако Советот не даде мислење во рок од 15 дена, следуваат дополнителни 15 дена за мислење, по што, ако нема писмено известување, се смета дека мислењето е позитивно. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Засега во јавноста своите кандидатури ги потврдија адвокатите Александар Тортевски, Звонко Давидовиќ, Александар Наков, Сејфула Османи, адвокат од Тетово, и нотарката Лорија Ваневска.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години, со право на повторен избор.