Sunday, May 12, 2024
HomeДЕНЕШНАПеколни температури – препораки за бремени жени и хронично болни

Пеколни температури – препораки за бремени жени и хронично болни

Времето денеска ќе биде сончево и топло со умерена облачност. Попладне ќе има услови за појава на изолирана нестабилност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. УВ-индексот ќе изнесува 8. Температурата ќе се движи од 28 до 38 Целзиусови степени. Во Скопје ќе биде сончево и топло со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе достигне до 37 Целзиусови степени.

Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на денешниот ден територијата на целата држава ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза, освен Јужновардарскиот регион (кој ги опфаќа градовите Гевгелија, Струмица, Демир Капија, Штип, Радовиш и околните населени места), каде се предвидуваат температури од портокалова фаза.

Само во овој регион остануваат да важат препораките за портокалова фаза, односно се препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години. Се препорачува на работодавците во овој регион доколку изведуваат работи на отворено, да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Во овој регион, Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и да не се изнесуваат децата на отворено во истиот период.

За граѓаните од целата држава потсетуваме дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица. Поради повисоките температури кои се најавуваат за следните денови напоменуваме дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната.