Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПавлески: За три недели повеќе нема да има локална самоуправа

Павлески: За три недели повеќе нема да има локална самоуправа

За три недели, на 15 мај, градоначалниците и советите на општините целосно ги губат своите ингеренции и овластувања, рече во недела на прес конференција Дејан Павлески, претседател на Комисија за локална самоуправа на СДСМ.

„Мора веднаш да прекине неразумното однесување на Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Овие неодговорни луѓе преку закани за насилство го блокираат целиот државен систем, што за три недели би се прекршило врз егзистенцијата на граѓаните со хаос во државата“, рече Павлески.

Според него, со блокадата на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го блокираат и изборот на новиот собраниски претседател кој единствено може да ги закаже локалните избори.

„Во вакви услови, кога нема нов датум за локалните избори, а градоначалниците и советите целосно ги губат своите овластувања, се доведува во прашање целокупната работа на Општините, како и работата на јавните претпријатија, училиштата, градинките, дневните центри за социјална грижа и сите установи под општинска надлежност“, рече Павлески.