Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВладата бара начин како да се продолжат мандатите на градоначалниците и советницте

Владата бара начин како да се продолжат мандатите на градоначалниците и советницте

Владата одлучи да формира работна група која ќе ги испита правните опции со кои ќе се овозможи да се продолжат овластувањата на општините и на општинските советници. Законски, нивните овластувања завршуваат на 14 мај и не можат да се продолжат поради блокирањето на Собранието.

Во оваа работна група, како што јавува „Алсат-М“, учествуваат Министерството за локална самоуправа, Министерството за правда, како и претставници на ЗЕЛС. Во моментов, не е познато кои се опциите што ги разгледуваат, но надлежните изјавија дека решението ќе биде претставено во многу краток временски рок.

„Врз основа на заклучокот што вчера беше донесен од страна на Владата се одлучи да се формира работна група која ќе биде составена од Министерството за локалната самоуправа, Министерството за правда, од претседателот на ЗЕЛС, потпретседателот на ЗЕЛС Невзат Бејта, кои ќе ги разгледаат сите можни опции за да се донесе вистински избор со цел да има продолжување на сегашните совети и градоначалници“, рече Ширете Елези, Министерка за локална самоуправа.

Локалните избори не успеаја да бидат распишани во рамките на законските рокови поради неизбор на новиот претседател на Собранието. Крајниот рок за распишување беше на 6 март.