Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОсмани побарал од Иванов поддршка за обезбедувањето консензус со опозицијата за реформите

Османи побарал од Иванов поддршка за обезбедувањето консензус со опозицијата за реформите

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска имал средба со претседателот, Ѓорге Иванов, кого го информирал за посетата во Брисел со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и за пораките што ги добиле од министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата.

Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека Османи му реферирал на Иванов и за реформските пакети на Владата од делот „6-9“ и нагласил дека по имплементирањето на реформите и отстранување на отворените политички прашања, Владата очекува одлука за почеток на преговорите со ЕУ до средината на 2018 година.

– Имаме неповторлива шанса во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и за НАТО. Потребно е да ги тргнеме настрана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите и да испорачаме резултат – истакна Османи.

Османи побарал од Иванов поддршка за реформскиот процес, но и поддршка за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, за законите за кои е тоа потребно, како и поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието.