Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаОдложен распитот за „Тортура“ по барање на осомничените

Одложен распитот за „Тортура“ по барање на осомничените

Распитот на шестмината осомничени во случајот „Тортура“ што го покрена Специјалното јавно обвинителство и требаше да се одржи денеска, е одложено за 14-ти јули по барање на осомничените, соопшти Кривичниот суд.

„Распитот на шесттемина осомничени во случајот на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), познат како „Тортура“, кој требаше да се одржи денеска, по барање на осомничените се одложува бидејќи тие побараа дополнително време за увид во предметот, кој не им бил овозможен во обвинителството, а кој увид судија на претходна постапка согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) го дозволува. Распитот по однос на предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост – забрана за преземање определни работни активности поврзана со кривичното дело, за шесттемина осомничени, со решение на судија на претходна постапка, а по согласност на странките во постапката кои беа присутни на денешното сослушување, се презакажува за 14 јули 2016 година“, пишува во соопштението на Основен суд Скопје 1.

Случајот „Тортура“ СЈО го отвори на 28 март годинава, поради нечовечно апсење и употреба на прекумерна сила врз поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Првоосомничен е поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, но за него СЈО не побара притвор или други мерки за претпазливост со образложение дека не постои опасност од бегство, а за другите шестмина осомничени кои се вработени во МВР се бара определување забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.