Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНовинарот Божиновски излегува од притвор

Новинарот Божиновски излегува од притвор

Кривичниот суд во Скопје денес го ослободи од притвор новинарот Зоран Божиновски, мерката притвор е заменета со друга мерка на претпазливост, соопштија од Здржението на новинарите на Македонија, јавува „Нова ТВ“.

„Македонија излезе од срамната листа на земји каде има новинари во затвор!“, пишува во кусата објава на ЗНМ.

ЗНМ постојано бараше новинарот Зоран Божиновски да се пушти од притвор и да му се овозможи да се брани од слобода. Оттаму предупредуваа дека држење во притвор на новинар скоро три години, во екстрадиционен притвор во Србија и притвор во Македонија, е апсолутно незабележана практика во слободни и демократски земји.

„Ослободувањето на Божиновски ќе ја одвои Македонија од групата на авторитарните земји во Европа, како што е Турција, Русија и Азербејџан, каде постојано се прогонуваат новинари“, апелираа од ЗНМ.

Во случајот „Шпион, на 18 обвинети им се суди за злосторничко здружување, шпионажа и уцена, опфатени се поранешни и сегашни разузнавачи од цивилното и военото разузнавање, екс полициски службеници, екс директорот на Управата за борба против перење пари, екс шефот на Претседателот на Собранието на Република Македонија.

Меѓу нив е и новинарот Зоран Божиновски кој се товари за три дела, но неговата постапка беше во прекин, затоа што српските власти кои го уапсија во 2013 година, не ѝ го испорачуваа на Македонија, сѐ до март лани, кога во „брза“ постапка, за само еден ден, беше екстрадиран.

Во септември Божиновски една недела штрајкуваше со глад во притворското одделение поради неоправданото продолжување на притворот и одолговлекувањето на судскиот процес, кој и после шест месеци од неговата екстрадиција не започна.

ЗНМ повеќе пати побара укинување во притворот од судијката Сандра Крстиќ, која подоцна побара и нејзино изземање од случајот поради како што навела семејни причини.

Кон апелите за укинување на притворот на Божиновски се приклучи и Европската федерација на новинари, чиј генерален секретар Рикардо Гутиерез беше во Македонија, но судот го игнорираше неговото барање за посета на Божиновски.

Случајот е пријавен и во Советот на Европа, чии препораки за безбедноста на новинарите, тогашната Влада на ВМРО ДПМНЕ ги потпиша во април 2016.