Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНовата влада ja заборави на родовата еднаквост – само 8 жени постави на челни позиции

Новата влада ja заборави на родовата еднаквост – само 8 жени постави на челни позиции

Каде се жените меѓу новите функционери? Ова е прашањето кое вчера и денеска го поставува јавноста на социјалните мрежи откако беше објавена одлуката на Владата за именување функционери и директори на органи, државни управи и казнено поправни установи што се во надлежност на владата, пишува „Фокус“.

Од 68-те именувања на функции, само 8 се жени или само 11,8%, процент кој е поразителен во однос на родовата еднаквост. И во самата влада бројката на жените не стои на некое задоволително ниво – од петнаесет министерства, само три ги водат жени (Радмила Шеќеринска, Мила Царовска и Рената Дескоска), плус министерката без ресор Зорица Апостолска. Во Собранието ситуацијата е малку подобра, но сепак далеку од рамноправна, каде од 120 пратеници, 39 се жени.

Од процентите не се задоволни ниту дел од жените кои сега се дел од тимот на новата Влада.

Цветанка Ласкова која неодамна му стана советник за култура на премиерот Зоран Заев а претходно беше претседателка на Форумот на жени на СДСМ за „Фокус“ вели дека нема да дава никакви изјави на темата бидејќи на друго ниво се носеле одлуките за овие работни места. Сепак, за тоа каква порака испраќа одлуката за вработувањата до јавноста со оглед на нискиот процент на женска застапеност таа кратко искоментира „И вие сте жена, јасно ви е.“

Ивана Јордановска, пак, која претходно беше дел од граѓанскиот сектор и често се занимаваше со родовите прашања, а сега е дел од новиот тим на Владата за комуникации, за „Фокус“ вели дека бројката е ниска, но нејзино лично мислење е дека проблемот мора да се решава систематски.

-Квотите (во било кој сегмент) не се долгорочно решение, така што дури и да имаме 30, 40, 50% жени на овие функции само како квота, не го решаваме проблемот. Мораме да креираме политики кои ќе поттикнуваат вклучување на жени во јавниот живот, осудување и отстранување на дискриминацијата на работното место, забрана за сексистички говор, креирање подобри услови за рамнотежа на приватниот и професионалниот живот. Ова вклучува, но не е ограничено на: соодветна работа на комисијата за заштита од дискриминација, подобрено судско процесирање на случаи на дискриминација, повеќе градинки за деца, реформа на породилното и родителското отсуство и тн, смета Јордановска.

Политикологот Лура Положани за „Фокус“ вели дека новата конфигурација на позиции и недостигот на повеќе жени на главни позиции покажува дека ниту новата влада не ја разбира важноста на правичната застапеност на жените, како и колку е важно тоа за унапредување на правата на жените и за отстранување на предрасудите.

-Ова покажува дека во Македонија имаме се уште долг пат кон родова еднаквост, дека едукацијата за важноста на оваа тема е потребна на сите нивоа на нашето општество, и дека треба еден силен глас кој би ги ставил овие теми во центарот на владините политики, вели Положани.

Марија Башевска од Реактор вели дека Владата при новите именувања и избор на функционери треба да ги почитува одредбите од Законот за еднакви можности на жените и мажите, како и стратешките определби на државата за унапредување на родовата еднаквост усвоени со Стратегијата за родова еднаквост (2013 – 2020).

-Владата е должна да се грижи за унапредување и воспоставување на еднакви можности, како и да “предвиди еднакво учество на жените и мажите при составот на нејзините работни тела и делегации, консултативните и координативните тела и други органи и при именувањето на претставници во јавните претпријатија и установи”. Дополнително, во својата програма за работа Владата се обврза да води политика на унапредување на правата на жените и зголемување на нивното учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот. Досегашните именувања и избор на функционери и заменици не одат во насока на овозможување и поттикнување на еднакво учество на жените и мажите како носители на јавни функции, вели Башевска.

Од Владата за Фокус пак велат дека тие во целост имаат разбирање и ја застапуваат потребата од родова еднаквост како и рамномерна застапеност на мажите и жените во рамките на државните институции.

-Ќе направиме се што е во рамките на надлежностите со цел да се постигне тој баланс, ветуваат од Владата.