Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНема плоча за споменик на културата – Министерството за култура си даде автогол

Нема плоча за споменик на културата – Министерството за култура си даде автогол

Министерството за култура го прекршило законот. Д-р Донка Барџиева Трајковска, претседател на ЗГ-Центар за културно наследство преку својот Фејсбук профил ја извести јавноста за законските прописи и прекршувањето на истите. Објавата ја пренесуваме во целост.

Во врска со приведувањето на д-р Здравко Савевски од страна на полицијата како и останатите учесници во т.н. Шарена револуција за кои се или ќе бидат покренати кривични пријави за нанесување штета на објекти кои се прогласени за културно наследство, ЗГ-ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, Скопје ја известува јавноста дека таквиот акт е спротивен на Законот за заштита на културно наследство и другите позитивни прописи од оваа област.

Имено, зградата во која е сместено Министерството за култура на чија фасада беше направена колористичка интервенција за време на протестите, точно е дека е споменик на култура но тоа не мора да го знаат ниту вработените во самото министерство затоа што истата треба да биде означена со посебна табла поставена на видливо место. На оваа зграда таква табла не е поставена и никој од протестантите, обични граѓани не можел да знае дека станува збор за споменик на култура.

Истото се однесува и на објектот Порта Македонија како и за поединечните споменици и спомен обележја.Означувањето на културното наследство кое е задолжително не е направено во предвидениот рок и заради тоа е казниво по Закон. Во продолжение ви го презентираме целиот член 48 како и член 174 од Законот за заштита на културно наследство:

Оддел 7 од Законот за заштита на културно наследство
ОЗНАЧУВАЊЕ
Задолжителна ознака и меѓународни знаци

Член 48
(1) Заштитените недвижни добра задолжително се означуваат со знак за заштита.
(2) Означувањето во смисла на ставот (1) од овој член го врши надлежната јавна установа за заштита во рок од 60 дена од донесувањето на актот за заштита.
(4) Министерот за култура ги пропишува содржината на знакот за заштита и начинот на означување, употребата на меѓународен знак и поставувањето на други ознаки.

Член 174
(1) Со парична казна од 50.000 до 150.000 денари ќе се казни за прекршок правно лице, ако:
3. Не изврши означување на недвижно културно наследство со знак за заштита или означувањето не го изврши во определениот рок (член 48 став (2)); Во случајов одговорност треба да сноси надлежната установа НУ-Конзерваторски центар,Скопје и Министерката за култура која во изминатиот период од четири години (2012-2016) одкако се прогласени новите објекти од СК.2014 година како културно наследство ex lege не ја пропишала содржината на знакот и начинот на означување,и не ги означила новопрогласените објекти како културно наследство.На тој начин направена е повреда на член 174,став 3 за што следи парична казна во износ од 50.000 до 150.000 денари и дополнително ги довела во заблуда граѓаните.

Во оваа прилика ја информираме јавноста дека Министерството за култура направило уште едно прекршочно дело затоа што не формирало Комисија да изврши увид и проценка на направената штета. Наместо тоа, на споменик на култура ангажирало нестручни лица да ја исчистат фасадата на зградата на Министерство за култура без почитување на со Закон пропишаната процедура. Уште полошо е што на Порта Македонија обични, неквалификувани граѓанки самоволно започнале „процес на конзервација“ односно чистење на објектот, со што повторно е прекршен Законот за заштита на културно наследство. За „чистење“ на културно наследство постои надлежна институција – НУ Конзерваторски центар, Скопје која досега требаше да изврши увид и проценка, да изработи Предлог за санација на оштетувањата и да обезбеди Конзерваторско одобренеие.

Бидејќи тоа не е направено, Министерството уште еднаш потврди дека Законот не важи за партијата која е на власт и во вакви случаи може да се однесува според лична/партиска проценка.За оваа повреда ,во Законот исто така се предвидени казни, кои треба да се применат против актуелната министерка за култура и директорката на надлежната институција за заштита. ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, ги повикува надлежните институции да поднесат кривични пријави против оние кои реално направиле повреда на Законот доведувајќи ги во заблуда граѓаните.

Д-р Донка Барџиева Трајковска,претседател