Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНаскоро нова банкнота од 50 евра

Наскоро нова банкнота од 50 евра

Европската централна банка денеска соопшти дека наредната година ќе пушти во оптек нова банкнота од 50 евра. „ЕЦБ и националните централни банки во еврозоната на 5 јули ќе претстават нова серија банкноти од 50 евра под името „Европа“. Планирано е во оптек да се најде пролетта во 2017 година“, се наведува во соопштението на ЕЦБ. На сите различни апоени на новите банкноти се наоѓа портретот на Европа, лик од грчката митологија.

„Апоенот од 50 евра е најкористен од сите апоени во евра. Повеќе од осум милијарди банкноти во оптек се апоени од 50 евра, што сочинува 45% од вкупните апоени во оптек“, се додава во соопштението.

Изгледот на новата банкнота ќе биде презентиран на јавноста на 5-ти јули.

ЕЦБ веќе во мај 2013 година ја замени банкнотата од пет евра, во септември 2014 година апоенот од 10 евра и во ноември 2015 година банкнотата од 20 евра. Банкнотите од 100 и 200 евра исто така ќе бидат заменети. ЕЦБ неодамна одлучила да ги повлече од оптек апоените од 500 евра после раширеното мислење дека најмногу ги користат криминалците за перење на пари и за финансирање на терористички активности.

ЕЦБ е задолжена за печатење на банкноти во евра, додека националните централни банки на 19 членки на еврозоната се одговорни за изработка на ковани пари.