Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНа пладне ќе се одреди редоследот на гласачките ливчиња
30

На пладне ќе се одреди редоследот на гласачките ливчиња

Денеска напладне ќе биде одреден редоследот на кандидатите на гласачките ливчиња.

Листа на кандидати за членови на совет и листа на кандидат за градоначалник, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини.

Редоследот на кандидати во листата ДИК го утврдува со жрепка и тој е ист во сите општини, а во општината каде нема да има свој претставник соодветниот број на подносителот ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.

Рокот за објавување на кандидатските листи за претстојните локални избори беше пробиен поради пад на АКМИС системот во Основниот суд скопје 1. Државната изборна комисија до вчера не можеше да ги потврди кандидатските листи бидејќи тие не беа комплетни, односно за околу 200 кандидати недостасуваше еден документ-потврда за неосудуваност, што го издава Основниот суд Скопје 1.

Причината, според портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска, е тоа што АКМИС систем во Кривичниот суд не бил во функција веќе неколку денови. Вчера напладен Кривичен соопшти дека проблемот е решен.

Најдоцна до 21 септември, пак, општинските изборни комисии треба да ги објават листите на кандидати за членови на совет и за градоначалник. Во оние општини во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, се објавуваат покрај на македонскиот и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина.

Денеска завршува и рокот од пет дена до кога политичките партии ќе можат да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список. Избирачкиот список во кој се извршени сите промени отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 24 септември. ДИК го потпишува Избирачкиот список и изводите од него, најдоцна до 29 септември.

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Изборната кампања ќе почне на 25 септември на полноќ и ќе заврши на 13 октомври. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври.