Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМукоски бара лидерска средба, ВМРО-ДПМНЕ се оградува од неговото барање

Мукоски бара лидерска средба, ВМРО-ДПМНЕ се оградува од неговото барање

На 17. продолжение на конститутивната седница на Собранието денеска, првпат, имаше и повик од пратеник на ВМРО-ДПМНЕ да се организира лидерска средба за да се решат сите прашања и да се постигне компромис, а потоа да се организираат нови избори.

Повторувајќи ги обвинувањата што многупати досега беа чуени, пратеникот Крсто Мукоски, во реплика на својата колешка Благица Ласовска, рече дека излезот треба да биде – лидерска средба.

– Почитувани колеги, се уриваат рекорди по број на денови и по бројност при изразување незадоволство од платформата со која е уценет СДСМ. Сакам да упатам апел за разум, за одржување лидерска средба, за сите лидери да седнат на маса и да решат за доброто на државата, да се отворат сите прашања и да се решаваат со компромис и да се постигне компромис, а потоа да се одржат нови избори за граѓаните да решат – рече Мукоски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, на прашањето на „Мета“ дали повикот на Мукоски е и став на партијата, се огради од изјавата, велејќи дека не ја слушнал, а потоа нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е да се распишат предвремени избори, но дека тоа СДСМ и Зоран Заев тоа го одбиваат, „барајќи спас од кривична одговорност“.

Повеќе од 20 пати на говорницата се појави пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, која упати многу напади, а ѝ реплицираа нејзини колеги. Освен Крсто Мукоски, Ласовска и Зоран Илиоски, сите други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги читаа своите реплики и контрареплики, честопати правејќи грешки.

Единствен што ѝ реплицираше на Ласовска, а не е од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, беше Весел Мемеди од Алијанса за Албанците, кој рече дека „со упорно повторување за предавство, создаваат опасен психолошки механизам кај народот, кој ќе се отргне од контрола и ќе направи проблеми“.