Monday, May 6, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМПМ го затвора „Утрински весник“ – во сабота излегува последниот број

МПМ го затвора „Утрински весник“ – во сабота излегува последниот број

Во сабота, дневниот весник „Утрински весник“ ќе го издаде својот последен број. Новинарот Љубиша Станковиќ, претседател на синдикатот на весникот, за Плусинфо вели дека трагично е што еден весник кој имаше голема важност кај читателската публика дефинитивно згаснува.

„Утрински весник“ на македонскиот пазар опстојуваше 18 години. Извесен период сопственик на „Утрински“, „Дневник“ и „Вест“ беше германската компанија ВАЦ, а подоцна фирмата Медиа Принт Македонија (МПМ) стана главен сопственик на трите дневни весници.

Наводно, поради финансиска криза, од пред неколку месеци, тројцата косопственици на МПМ се разделија, па единствен менаџер остана Срѓан Керим.

„После цели 18 години, благодарение на лошото менаџирање на Срѓан Керим, во сабота, ќе згасне ‘Утрински весник’. Треба да се запамети името на оној кој ќе го погребе весникот!“, напиша Станковиќ на Фејсбук.

Вчера во редакцијата на „Утрински“ пристигнала наредба од менаџментот за ден-два да ги оспособат бироата и опремата за преселба од сегашната локација во ТЦ „Зебра“ во дирекцијата на „Технометал“ каде и претходно беше сместена редакцијата на овој весник.

Неодамна, новата фирма, сопственичка на овие три весници објави оглас за прием на нови 50 новинари. Најновата, но, неофицијална вест, според нивните сознанија, е дека голем број од досегашните новинари од трите весници ќе добијат отказни решенија, а на нивни места ќе бидат примени „подобни“ новинари од друг, провладин дневен весник и од една приватна телевизија, исто така провладина, која со месеци мака мачи да им обезбеди пари на своите новинари.