Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаССНМ: Политиката и лошиот менаџмент се виновни за затворањето на „Дневник“

ССНМ: Политиката и лошиот менаџмент се виновни за затворањето на „Дневник“

Згаснувањето на еден од првите независни весници во Македонија е уште еден клинец во ковчегот со кој цела деценија се погребува новинарството во земјава, стои во реакцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за затворањето на дневниот весник „Дневник“.

Од синдикатот, потсетувајќи дека „Дневник“ престана да излегува само месец и половина откако истата судбина ја доживеаја „Вест“ и „Утрински весник“, кои беа под капата на ист издавач, велат дека главен виновник за урнисувањето на медиумската куќа „Медиа принт Македонија“ е менаџментот и тоа од повеќе причини.

„Луѓето што ја водеа куќата, наместо навреме да се прилагодат на новите трендови во медиумскиот бизнис, тие сервилно ѝ слугуваа на политиката со што буквално не им дозволија на новинарите професионално да произведуваат новинарски содржини и со нив рамноправно да се натпреваруваат на пазарот. Колегите беа оневозможени да прават весници што публиката ќе сака да ги купува и да ги чита“, се вели во соопштението на ССНМ.

Доплнително, додаваат оттаму, јавноста дозна дека во МПМ во истиот период испаќала неоправдано висока плата на еден од своите управители, со што финансиски се исцрпувала куќата до колапс.

„Токму поради сомневањата за намерно финансиско исцрпување на компанијата, ССНМ поднесе кривични пријави против поранешните управители Јана Станисављева и Срѓан Керим. Единствен начин оваа медиумска трагедија да не се повтори е политиката да ги тргне рацете од медиумите и буквално сите новинари и медиумски работници солидарно да реагираат и да се борат секогаш кога и во најмала мера ќе бидат доведени во прашање слободата на изразувањето и достоинствените услови за работа во медиумите“, порачуваат од ССНМ.