Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаССНМ: да се исплатат неисплатените плати на вработените во МПМ

ССНМ: да се исплатат неисплатените плати на вработените во МПМ

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) го поддржува барањето на поранешните вработени во „Медија принт Македонија“ за исплаќање на неисплатените плати и хонорари, кои се уставно гарантирано право на секој работник.

Поради сомневањата за криминално работење, ССНМ во јуни годинава, поднесе кривични пријави против сопственикот и директорот на компанијата, Срѓан Керим, и управителката Јана Станисављева, за злоупотреба на службената положба и овластување, затоа што свесно и со умисла го разнебитувале имотот на компанијата за да ги згаснат медиумите во сопственост на МПМ.

„Дополнително за односот на менаџментот кон своите некогашни вработени говори и фактот што, додека во јавноста се презентираа информации дека компанијата кубури со пари и затоа платите на вработените доцнат со месеци, истовремено, на еден од управителите на фирмата била исплаќана месечна плата во висина од неколкугодишна просечна новинарска плата. За згаснувањето на весниците и на интернет-медиумите на компанијата, ССНМ смета дека главен виновник е менаџментот на компанијата кој наместо да дозволи на вработените, новинарите професионално да ја работат новинарската работа како во сите демократски општества, се одлучи да им слугува на политиката и на политичките афилијации на менаџментот“, велат од ССНМ.

Од Синдикатот ги повикаа надлежните институции да го решат случајот и да се исплатат заостанатите плати на речиси 400 вработени во изданијата на компанијата.