Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАСветМасовен протест на Курдите во Келн против Ердоган

Масовен протест на Курдите во Келн против Ердоган

Десетици илјади Курди кои живеат во Германија протестираа вчера во Келн против турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган по турската офанзива во северна Сирија со којашто Анкара сака да го спречи проширувањето на териториите кои се под контрола на сириските Курди и бараа ослободување на курдскиот лидер, Абдулах Оџалан.

Според извештајот на германската новинска агенција DPA, на протестот во Келн присуствувале 30.000 луѓе, што се совпаѓа со најавите на организаторите. Во разговор за француската агенција AFP, портпаролката на келнската полицијата не сакала да ја потврди оваа бројка.

Собирот кој започнал уште претпладнето минал без инциденти, рекла портпаролката на полицијата, која за овој настан мобилизирала илјада свои припадници за да спречи евентуални судири со припадниците на турската заедница. Во Германија живеат и голема турска заедница, се проценува на околу три милиона и голема курдска заедница којашто е најголема во Европа и брои околу милиони припадници.

Курдските демонстранти, меѓу кои многумина носеа фотографии на курдскиот водач Абдулах Оџалан, бараа негово ослободување од затвор. Историскиот водач на забранетата во Турција Работничка партија на Курдистан (PKK) е во затвор од 1999 година.

Во октомври 2012 година турските власти започнаа мировни преговори со лидерот на РКК, Абдула Оџалан, кој е на доживотна робија откако беше уапсен и грабнат од припадниците на турските тајни служби во Кенија во февруари 1999 година. Во јуни истата година, тој беше осуден на смрт за тероризам и предавство и затворен на островот во Мраморно Море. Казната подоцна под притисок на меѓународната заедница беше заменета со доживотен затвор без право на помилување на островот Имрали во Мраморното Море јужно од Истанбул, откако под притисок на меѓународната јавност му беше заменета смртната казна. Со овие преговори требаше да се дојде до решавање на 35-годишниот турско-курдски судир за автономија на Курдите во кој загинаа над 40 илјади луѓе.

Учесниците на саботниот протест во Келн, исто така, ги критикуваа чистките кои се спроведуваат во Турција по неуспешниот обид за воен преврат од ноќта од 15-ти кон 16-ти јули од страна на фракција во турската армија и ги осудија минатонеделните напади врз милициите на Курдите во Сирија. Анкара, којашто својата граница кон Сирија сака да ја исчисти од присуството на ултрарадикалната суниска организација Исламска држава, истовремено сака да ги спречи Сириските демократски сили (SDF), сојуз кој го поддржуваат САД а во кој најголемата ударна сила која претставува моќната курдска милиција YPG, која ја смета за блиска на PKK, да создадат непрекината автономна област по должината на северната турска граница со Сирија.

Кон крајот на јули, исто таа, во Келн се одржа собир на кој учествуваа повеќе од 40.000 луѓе, кои му изразија поддршка на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, по неуспешниот обид за пуч. Но тогаш германскиот уставен суд забрани видео обраќање на Ердоган до учесниците на собирот, што беше причина за новите тензии на релација меѓу Берлин и Анкара, откако германските пратеници претходно во јуни годинава изгласаа резолуција со којашто масакрот на Ерменците во Османлиското царство во текот на Првата светска војна го карактеризираа како геноцид, што ја разгневи Турција.