Sunday, May 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМакедонија ја чека отворање на преговорите со ЕУ, но и спроведување на попис идната година

Македонија ја чека отворање на преговорите со ЕУ, но и спроведување на попис идната година

Македонија скоро две децении нема спроведенo попис на населението. Последниот таков, беше спроведен во веќе далечната 2002 година, веднаш по воениот конфликт. Многумина велеа дека тој е „наместен“ , согласно предвидените етнички квоти, кои изискуваа процентуална заспатепност на немнозинските заедници, за да бидат претставени соодветно во институциите на системот. Според тој попис во Македонија вкупно  живеат 2.022.547 граѓани, од кои 1.297.891 (64.17) % етнички Македонци, 509.083 етнички Албанци или 25,17% и по неколку процентни поени на Турци, Роми, Срби, Бошњаци и Власи, како уставнонаброени етнички заедници. Во овој сооднос, согласно одредбите од Рамковниот договор, само етничките Албанци ја надминуваа квотата од над 20%, за да бидат претставени на централно ниво како рамноправна заедница. Во 2011 година, почна да се спроведува попис, но тој беше на сред самата спроведувачка операција прекинат со недугаво објаснување дека истиот бил политизиран.

 

Јавноста и така, никогаш не дозна кои се вистинските причини за неговото прекинување, а никој не понесе одговорност за потрошените милиони евра, кои пропаднаа во вода. Поранешното Специјално јавно обвинителство своевремено отвори и предмет насочен кон поранешниот премиер Никола Груевски и актуелниот лидер на Демократската унија за интеграција Али Ахмети  како главни виновници за тој пропаднат попис, но и тој случај не доби соодветна разрешница, за да конечно јавноста биде задоволена, т.е да и бидат разјаснети вистинските причини за неговото пропаѓање. Во најава е спроведување на попис во наредната 2021-ва година, бидејќи пописите и според препораките на ООН се спроведуваат на крајот од една деценија, за да може да се добијат релевантни и кредибилни информации за демокрафската и структурната промена на населението во една држава.

 

Поранешниот директор на Државниот завод за статистика  Дончо Герасимовски,  постојано во свои медиумски изјави нагласува дека Македонија под итно треба да спроведе попис, бидејќи тој е суштински важен во креирањето на идниот развој на една држава во наредната декада. Тој нагласува дека пописот не е, и најмалку треба да е етничка операција, и истиот да се политизира и партизира за етнички цели, како што во Македонија тоа се пренагласува, туку напротив, пописот е операција со која се прави скен на целокупните потенцијали и демографски карактеристики на една држава. Актуелниот директор на заводот за статистика Апостол Симоски, исто така во своите интервјуа нагласува дека предвидениот попис за наредната година ќе биде апсолутно професионално спроведен, низ една транспарентна и објективна статистичка операција, во која не смее да се фрли дамка околу етничките бројки и добиени статистички показатели. Македонија заедно со Сомалија, која е држава на „ рогот“ во Источна Африка, земја распадната од граѓанска војна, беа официјално последните две земји во светот кои немаа спроведено попис повеќе од една деценија. Босна и Херцеговина, држава која беше растргната од граѓанската војна во раните деведесетти, во 2013  спроведе попис на населнието, и ниту еден од трите конститутивни народи во федерацијата не го проблематизираа крајниот резултат, односно ги прифатија етничките параметри, такви какви што пописната комисија ги презентираше. Наредната година Македонија ќе се соочи со „предизвик“, да спроведе попис, и истиот да не биде политизиран, проблематизиран, или пак да не биде прекинат како пред една деценија.