Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКундак во тилот за чекор напред кон чесна и праведна држава

Кундак во тилот за чекор напред кон чесна и праведна држава

Ако пријател те удри во тилот толку застрашувачки да помислиш дека те ѕвекнал со кундак од пиштол тоа никако не заслужува кривична пријава во полиција која ќе резултира со притвор. Па и да го удрил со кундак, кои сме ние да му кажеме како да се поздравува со другарите.

Чесни, доблесни, чисти и некриминални кадри, пријателски настроени, со или без кундак, ете такви ни требаат во новата државна управа. Како што се грижат за своите пријатели по кафеани така ќе се грижат и за Македонија.

Нема потреба од никакви грижи народе. ДУИ е факторот на стабилност, па помина времето кога оружјето го користеа со цевките, сега се ограничени само на кундаците, пардон на силните удари во нашиот тил кои ние само помислуваме дека се од кундак, а всушност се едно обично пријателско тапкање по малиот мозок.

И додека Заев, мандатарот кој има чест да ја формира новата влада, се фали дека ќе заштеди седум министерски плати за следните четири години, во ДУИ низ призмата на чесноста, некоруптивноста се трага по храбрите функционери кои ќе се борат 24/7 со неправдата, криминалот, корупцијата и партизираноста.Двојно повеќе ќе работи на враќање на правдата и еднаквоста, на одговорноста за секој престап, секој прекршок, секој криминал и злоупотреба. Со вакво владино сидро доверено во рацете на интегративците силно ќе се влече “напред”.

Само уште клановите и ограноците на ДУИ да се договорат, кој е почесен кандидат за нов министер за надворешни работи, кој е пооодговорен за второто место во владата во министерството за политички систем, кој е непоткуплив за да се грижи за државната каса, кој има посилен “кундак” за одлучен чекор напред кон европска, некриминална и просперитетна Македонија.
Извор: faktor.mk