Saturday, May 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКомбинација од „старите волци“ и нови, но познати партиски кадри – Кој влегува во новата влада?

Комбинација од „старите волци“ и нови, но познати партиски кадри – Кој влегува во новата влада?

Досегашната пратеничка, универзитетска професорка по историја Ирена Стефоска е новиот предлог за министер за култура, актуелниот градоначалник на Штип Благој Бочварски е предложен за транспорт и врски, а координаторот за евроинтеграции Бојан Маричиќ за правда.  Тоа се новите имиња по предлог на мандатарот Зоран Заев, по вчерашната седница на централиот и извршиот одбор  на Социјалдемократите. Поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, ќе го води ресорот образование, во ситуација на Ковид-19 пандемија, кога овој ресор заедно со  здравството ќе бидат едни од најсензибилизираните министерски ресори во фокусот на јавноста, а на нејзиното место во труд и социјала ќе биде актуелната пратеничка Јагода Шахпаска.  

Поранешните министри за  внатрешни работи, одбрана и здравство Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска-Јанковска и Венко Филипче ќе останат и во новата влада на истите позици. 

Никола Димитров, министерот за надворешни работи ќе го води Секретаријатот за европски прашања, а на неговата фотеља ќе седне Бујар Османи од ДУИ. Крешник Бектеши останува министер за економија, а во новиот „дел  од  колачот“ за оваа партија, во министерството за финансии ќе раководи поранешниот министер за одбрана и економија Фатмир Бесими.

Насер Нуредини останува на позицијата министер за животна средина и просторно планирање, а на местото во ресорот земјоделство, шумарство и водостопанство ќе дојде кадар од коалицискиот партнер БЕСА. Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, коалициски партнер на СДСМ, ќе биде старо-новиот министер за локална самоуправа. 

Вицепремиер за економски прашања ќе биде Фатмир Битиќи од економскиот совет на СДСМ, а вицепремиер задолжен за политичкиот систем ќе биде Артан Груби, десната рака на Али Ахмети. 

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски ќе биде министер без ресор, задолжен за борба против корупцијата. 

За местото министер за информатичко општество и јавна администрација, ќе се одлучи дополнително.

Рокот за изгласување на оваа влада е 04 септември.  После десеттите  парламентарни  избори во повеќепартискиот политички систем на Македонија, ова ќе биде тринаесетта влада која ќе ја води државата од независноста до денес.