Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКога и да ги има ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ подготвени за локални избори

Кога и да ги има ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ подготвени за локални избори

Само ДУИ на Али Ахмети и ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски се подготвуваат за локални избори. Претседателството на ДУИ на последниот состанок побарало од ограноците на партијата да подготват кандидатури за општинските совети и за градоначалници.

„Сите ограноци на републичко ниво одржаа состаноци, ги одредија кандидатите и за општинските совети и за градоначалници и поднесени се до централното раководство кои ја донесува конечната одлука. Верувам дека на почетокот на следната недела ќе може да се одржи состанок на претседателството каде ќе се разгледаат предлозите кои доаѓаат од ограноците“, рече Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Независно од тоа што ДУИ за прв човек на Чаир повторно го предложи Изет Меџити тој писмено соопшти дека нема да се кандидира. Во меѓувреме во ВМРО-ДПМНЕ очекуваат заедно со локалните да има и предвремени парламентарни избори, за, како што ни рече партискиот портпарол Иво Котевски, граѓаните да може да одлучат и за „Тиранската платформа“.

„Подготовките за локалните избори ги започнавме на време и партијата е во целосна кондиција во секој момент да излезе на редовни локални и предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ очекува пратениците на останатите партии да разберат дека состојба со распределбата на силите е неодржлива и оти е неопходно истите трошоци да се направат и за предвремените парламентарни избори“ изјави Иво Котевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Од Движењето БЕСА и Алијансата за Албанците оценуваат дека локалните избори не можат да се одржат без да се деблокира Собранието.

„Ова прашање се расправа и во органите на партијата и во сите структури на Движењето БЕСА. Сè уште не сме стигнале во фазата за одредување на кандидати за градоначалници на општините бидејќи вака како што тече процесот немаме многу надеж дека изборите можат да се одржат пред есента“, изјави Орхан Муртезани, Движење БЕСА.

„На вчерашниот состанок на централното претседателство разговаравме и за нашата политичка мобилизација, консолидација и за освежување на некои ограноци на партијата за да бидеме подготвени за локалните избори кога и да се одржат. Можам да кажам дека за кандидатурите сè уште не е разговарано. Тоа ќе се направи во моментот кога ќе се знае датумот на изборите“, рече Елмир Сејфулаи, Алијанса за Албанците.

Петре Шилегов изјави дека СДСМ е подготвен за локални избори кога и да се одржат, но според него, нелогично е да се зборува за нив додека, како што вели, не се врати уставниот поредок. Рокот за распишување на редовните локални избори истече пред еден месец. Поради тоа што во Собранието сè уште трае конститутивната седница не се знае кога ќе може да бидат распишани.

Извор: alsat-m.mk