Thursday, May 9, 2024
HomeUncategorizedЌе се напушти ли полека етничкиот клуч за формирање на Влада?

Ќе се напушти ли полека етничкиот клуч за формирање на Влада?

На предвремените парламентарни избори, кои се случија на 15.јули, за прв пат во македонската повеќепартиска историја, се случи еден преседан.Имено, беше создадена условно кажано предизборна мешана македонско-албанска партиска коалиција, која настапи под заеднички реден број на избирачкото ливче. СДСМ и БЕСА го скршија мразот и настапија заедно во сите шест изборни единици, барајќи ги гласовите од граѓаните без разлика на нивната етничка припадност. Како противодговор на оваа новина во македонскиот политички простор, владејачката партија на Албанците во Македонија во изминатите 18 години, ДУИ го изнесе предлогот PSE JO( зошто да не), промовирајќи го поранешниот пратеник од редовите на ПДП, Насер Зибери како официјален кандидат за премиер на Македонија од редовите на ДУИ.

 

Многумина овој предлог го протолкуваа како подигнување на националистичкиот влог на ДУИ, пред изборите и бајпасирање токму на предизборната коалиција на СДСМ со БЕСА. Навистина ДУИ, победи во т.н албански политички блок, но токму овој преседан остава простор во иднина и останатата доминантна и голема етничка партија кај Македонците, ВМРО-ДПМНЕ да создаде предизборна коалиција со некоја условно кажано етничкоалбанска политичка партија ( ДПА, Алијанса за Албанците). И покрај тоа што, во моментов изгледа за невозможно( станува збор за десничарска политичка партија со тврдо гласачко тело), во иднина не се исклучува и ова можност, како противодговор на политиките на СДСМ и ДУИ, бидејќи за да дојдат на власт и ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата на Албанците ќе им биде потребно здружување како пред едни парламентарни избори, така и за време на локалните.

 

Голем број на аналитичари се согласуваат дека ова е вистинскиот правец на развој на македонската политичка сцена, бидејќи само на овој начин ќе се напушти етноцентристичкиот модел на ловење на гласови, и ќе се занемарува етничката реторика, како најдобро користен рецепт за изборен успех. На овој начин, политичарите ќе зборуваат повеќе за економски теми, проекти, теми од областа на инфраструктурата, но и предизборно ќе усогласуваат програми, во кои ќе вметнат и некои етнички барања, за истите потоа да не бидат третирани како „уцена“ во постизборните преговори за формирање на коалцииска Влада.