Monday, May 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЌе преземат ли одговорност за изборниот дебакл, лидерите на малите партии?!

Ќе преземат ли одговорност за изборниот дебакл, лидерите на малите партии?!

Помина скоро еден месец, од одржувањето на предвремените парламентарни избори, кои се случија на 15 јули. Освен парламентарно претставените политички партии и коалиции во идниот парламентарен состав, на изборите учествуваа и т.н помали политички партии и коалиции. Сите тие, освоија незначителен број на гласови (процентни поени), кои не го надминаа дури и прагот од 1%. Повеќето од нивните лидери беа прилично убедени и уверени дека ќе ја добијат довербата од граѓаните, па некој од нив, најавуваа во своите телевизиски настапи дека и ќе ја предводат идната македонска влада.

Како што е познато, на изборите победи коалицијата „ Можеме“, предводена од СДСМ и БЕСА, за 2 пратеници повеќе од коалицијата „ Обнова за Македонија“,предводена од ВМРО-ДПМНЕ,  а во парламентот ќе бидат претставени и политичката партија ДУИ, коалицијата „ Сега е време“ од Алијансата за Албанците и Алтернатива, Левица и ДПА.

На овие избори, учествуваа и уште: Интегра, Граѓанско-Демократска Унија, Глас за Македонија, коалицијата „ Никогаш Северна, Само Македонија“, Демократи, СДУ-Скопје ( Македонски Концепт),  Народна партија на Ромите, Твоја Партија и МОРО-Работничка партија. Секогаш после едни избори, се поставува прашањето за легитимитетот на лидерот на партијата која ги загубила изборите (без разлика дали е владејачка или опозициска), па така после овие избори, веќе неколку седмици, од одредени кругови се бара оставка од опозицискиот лидер Христијан Мицскоски. Никогаш, пак, не се поставило прашањето за одговорноста за изборниот резултат ( дебакл), кој го доживуваат т.н мали партии, односно ниту јавноста, ниту пак некој од нивните партии побарал нивна смена или преземена одговорност.

Се поставува прашањето, дали овие партии имаат доволно внатрешна критична маса, за некој тоа прашање да го отвори и да „ удри на маса“, барајќи одговорност од лидерот за изборното разочарување, или пак партиите се навистина „ пајтон“ партии, со неколку десетици активни членови, кои ниту имаат храброст, ниту пак имаат капацитет тоа да го побараат и да го постават како прашање.

Често пати, ги гледаме низ телевизиските дебати, лидерите на тие партии, како ги обвинуваат лидерите на големите политички партии ( СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), дека немаат демократски капацитет и дека не преземаат одговорност, а никогаш не си го поставиле прашањето за нивната одговорност.

Колку и иронично да звучи, во тридецениската плурална историја на Македонија, имаме многу повеќе смени на лидерските фунцкии во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, отколку во некоја т.н мала наречена партија. Веројатно, поради својата суета, ароганција, и лидерска самозамисленост, после неколку изборни циклуси, овие политички партии згаснуваат и исчезнуваат од политичката сцена, или пак се претопуваат во некоја од поголемите.