Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЌе победи ли “ВМРО-Заево” или Мицкоски последен ќе се смее?

Ќе победи ли “ВМРО-Заево” или Мицкоски последен ќе се смее?

Координираните настапи на поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои бараат оставка и одговорност од лидерот Христијан Мицкоски за изборниот пораз, се чини ја отвори новата историска пресметка во таборот на оваа демохристијанска партија. Се чини, веќе се далечни времињата кога  делегати „ беа носени на кајчиња на сред езеро“ на конгресот во Охрид, за да му ја обезбедат поддршката на идниот лидер Никола Груевски. Овој пат, веројатно ќе нема потреба од нови кајчиња. Лидерот Мицкоски, веднаш после изборите најави дека нема намера да се повлече од лидерскиот трон, прогласувајќи се, себе си за легитимен и кредибилен победник, појаснувајќи дека сепак „тој победил во 39 општини, а СДСМ во 26“.

Оваа математички прецизна аргументација, сепак не му оди во прилог на Мицкоски. Математичките мандати, му наговестуваат дека многу тешко ќе стигне до парламентарно мнозинство, не само што ќе му треба минимум уште една политичка партија, туку ќе треба и да ретерира од  добропознатите ставови за Преспанскиот договор, за кој оваа партија и нејзиниот лидер и ден денеска тврдат дека е капитулантски. Токму „ капитулантскиот Договор“, и Договорот за добрососедство со Бугарија и нивното имплементирање и во иднина се  камен-темелници на идната коалициска Влада предводена од  ДУИ. Преписката на Мицкоски и меѓусебните обвинувања со некогаш најмоќниот човек во ВМРО-ДПМНЕ  Сашо Мијалков, ја отворија пандорината кутија во партијата, но наместо надеж, од неа излегува „ зла крв“. Токму таква крв пушта и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој себе си се гледа и во иден лидер на партијата. 

Незадоволство има и од поранешната пратеничка и претседателка на Унијата на жените Даниела Рангелова, како и од поранешниот висок функционер и министер за здравство Никола Тодоров. Тука се и Ивица Конески, како и Никола Попоски. Сите овие се на „ мета“ на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, и претставниците на  Извршниот и Централниот  комитет, и им се залепени етикети и епитети дека се „ ВМРО- Заева“, односно се алудира дека тие одработуваат исклучиво за интересите на лидерот на СДСМ. Времето е кратко, многу наскоро ќе се види, тасот на вагата на која страна ќе превагне, дали ќе има нова „ Панорама“, или пак Христијан Мицкоски ќе ја преживее оваа постизборна внатрепартиска бура од реакции и емоции за негова смена, и ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и на наредните локални избори кои треба да се случат наредната година.