Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАОхрид СОС: Општините си тераат по старо

Охрид СОС: Општините си тераат по старо

На покана на Министерството за култура, односно министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, член на неформалната граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ денеска ќе присуствува на состанокот во Владата на Република Македонија на кој ќе се разгледаат актуелните состојби поврзани со заштитата на природното и културно наследство на Охридскиот Регион.
На состанокот се поканети Министерството за транспорт и врски (Благој Бочварски), Министерството за животна средина и просторно планирање (Насер Нуредини), Општина Охрид (Кирил Пецаков), Општина Струга (Рамиз Мерко), Општина Дебрца (Зоран Ногачески), директори и претставници на институции, организации, комисии и претставници на граѓанскиот сектор кои се засегнати со прашањето за заштитата на Охридскиот Регион.
 
Она што нашиот претставник ќе го пренесе на состанокот е дека:
aктивностите кои се преземаат во насока на заштита на Охридскиот Регион се сосема површни;
документите кои се изработуваат се избрзани (изработени за премногу краток период, без теренски истражувања) и недоволно стручни (во тимовите воопшто нема експерти од областа на екологијата и особено слатководнте екосистеми (ранг Доктор на науки и активно истражувачко искуство во областа).
 
1. Студијата за валоризација на Охридско Езеро е desk-study, без теренски истражувања, ниту водечкиот автор ниту било кој член од тимот нема експертиза за Охридско Езеро (или било кое друго езеро)
– во листата видови значајни за заштита недостасуваат клучни ендемски видови (Salmo Letnica – пастрмка, ендемскиот сунѓер со огромен потенцијал за медицински цели);
– пропуштено e Охридско Езеро да се препознае како значајна палео-климатска архива и архива за животната средина во палеонтологијата (paleo-environmental) од глобално значење;
– тотално пропуштено да се валоризира езерото од апсект на батиметријата така што во вид се земени само плитките води (до кадешто се мрести пастрмката), а сосема се занемаруваат длабочините на Езерото;
– управувањето им се дава на трите општини (истите кои го доведоа Регионот на de facto Листата на светско наследство во опасност и продoлжуваат со работа по старо), додека експертскиот одбор има само советодавна улога;
– мора да се направи подобрена студија со соодветен експертски тим и вклучување на Хидробиолошкиот Завод од Охрид.
 
2. Во Стратегијата за рехабилитација на Охридскиот Регион (во постапка, отпочната консултација со јавноста) нема ниту еден експерт за водни екосистеми, претежно се бирократи, има дисбаланс во корист на членови од областа на културно наследство што сериозно се одразува врз квалитетот на мерки/индикатори во доменот на природното наследство
– не е центрирана околу клучниот проблем – Исклучителната Универзална Вредност, туку повторувачки ги следи мерките од Реактивните Мониторинг Мисии и одлуките на Комитетот за светско наследство;
– роковите за исполнување се премногу долги (некои и 2 – 5 години) и тоа за мерки кои до сега требаше да бидат исполнети;
– премногу општо дефинирани мерки и активности, проблематични индикатори (иако има подобрување согласно нашите сугестии);
– нема никаков план за изработка на Црвени листи за видови;
– отсуствуваат механизми на контрола и санкции, нејасни се надлежностите, нема централно координативно тело со дефиниран статус и ингеренции;
– сè на сè, гледаме бирократски документ кој е нејасно како ќе се спроведе, зошто воопшто би се спровел кога ја следи истата матрица на слични документи (на пр. акцискиот план на Планот за управување), со истите играчи и истите недефинирани мерки. По сè изгледа уште еден документ за замачкување очи и одолговлекување на исполнување на задолженијата од УНЕСКО.
 
3. Во Оцената за влијанието врз животната средина за враќање на Сатеска во старото корито (издадено решение од МЖСПП) е сосема занемарен водниот жив свет (со исклучок на водоземци, влекачи, растенија од рипарискиот појас)
– застарени модели за климатски промени, нема анализа на влијанието од пренасочувањето врз езерото, врз Дрим и врз самата река Сатеска која со пренасочувањето ќе добие брана за собирање на наносите, нема проценка на ефективност на целиот систем со оглед дека при поголеми количини на вода (над 100m3/s), таа ќе се испушта во Охридско Езеро;
– не е опишан посакувани статус на флората, фауната и екотоните на реката Сатеска; некои од деловите беа толку copy-paste што имаше наведено податоци за некое место во источна Македонија;
– нашите коментари поднесени на 17.3 2022 до МЖСПП исчезнаа! (а имавме многу важни).
 
4. Нацрт Законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје – Парк на природата (на читање во собраниска комисија) е само правна рамка за уништување
– зоните за примарна заштита значително се намалени иако валоризацијата не покажа помала, туку напротив поголема вредност (нови видови);
– на 91,15% ќе биде дозволено земјоделие, на 66,11% ќе биде дозволена урбанизација а само 33,89% отпаѓаат на зоните под примарна заштита, наспроти минимумот од 75% на IUCN;
– не сето државно земјиште е ставено во примарни зони за заштита;
– удоволување на градежните апетити наместо експропријација на земјиште за ревитализација;
– се штитат неколку нелегални градби за сметка на заштитата во заштитено подрачје;
– се сомневаме на притисок врз изработувачите на Студијата за валоризација за утврдување на компромисно зонирање – наместо според утврдените вредности и потребата од ревитализација, направена да се угоди на урбанистите и за комерцијални потреби;
– не се вклучени Студенчишкиот Канал иако е валоризиран, изостанува Мазија (едно од деветте жаришта на биодиверзитетот и единствен дел од урбаното крајбрежје на цело Охридско Езеро со висок коефициент на крајбрежна функционалност), ни Билјанини извори, и НАЈВАЖНО, целиот крајбрежен појас долж Студенчишта.
 
5. Општините си тераат по старо:
– непланска, неконтролирана урбанизација;
– туркаат Урбанистички Планови кои се спротивни на начелата на заштита на ИУВ (што се гледа од поднесоците до Комисијата за управување со Охридски Регион). Без оглед дали се работи за УП на Општината или по приватна иницијатива, Општината треба да биде првата инстанца каде планот за управување ќе се почитува (да покаже компетенција за управување со (дел од) регион на светско наследство), но наместо тоа демонстрира незнаење за значењето и вредноста на светското наследство;
– издаваат одобренија за градба кои не се во согласност со Планот за управување;
– општините, скоро три години од стапувањето во сила на Планот за управување, ги немаат усогласено и туркаат стари постапки во колизија со ПУ (ресторан „Парк“ и др.);
– некои УП воопшто не ги доставуваа до Комисијата – УПВНМ за Горица Север кој го протуркаа, а кој е во спротивност со Планот за управување дури и во прост термин на % на изграденост. Згора на тоа, МЖСПП имаше издадено Решение за соодветност на СОЖС во време кога втората јавна консултација беше сè уште во тек. Нашите коментари за Горица Север доставени до Општина Охрид исто така исчезнаа!
– железните костури на платформите се оставени да ‘рѓосуваат во езеро (во старото градско јадро и Куба Либре, Кадмо, Бела Виста), а оставени се и ѕиданите подлоги (Канео, Потпеш);
– на струшкото крајбрежје се отстрани една платформа;
– нелегалните градби за кои има решение за отстранување, не се рушат;
– се легализираат градби во НП Галичица и во крајбрежјето БЕЗ направена оцена за влијанието врз природното и културното наследство и без обезбедени мислења од МЖСПП за сите (особено не за Автокамп Андон Дуков за кој апетитите се многу големи);
– нелегалната градба продолжува непречено – во 2021 во Охрид се евидентирани 70, а во Струга 34 дивоградби од кои 40%, односно 59% отпаѓаат на домување, комерцијални згради и до/надградби (извор: Државен завод за статистика);
– Општина Охрид отуѓува државно земјиште на непостоечка индустриска зона Мауцкер;
– не се отстранува тампонирањето во езеро во Далјан за кој узурпаторите заработија кривична пријава;
– чистењето на канализациската мрежа (примарна канализација), не се спроведе како што беше најавувано;
– цевката со непознато потекло во Мазија која испушта фекалии (вода од V-класа) директно кај Студенчишкиот канал не се санира;
– нема санкции (кон МПЦ) за нефункционалната пречистителна станица во Св. Наум (вон функција барем 5 год.).
6. Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион има огромни недостатоци
– практично целата зона вон населените места III-д (под 866 м надморска височина) може да се урбанизира (со градби до П+3 и 40% изграденост), во било кој дел од Зоната за одржливо користење на НП Галичица („Новите урбани опфати (зона III-д) да се формираат како логична целина околу веќе постоечки објекти со урбанистички план вон населено место.“);
– недефинирано крајбрежје во урбаните зони без утврдени мерки за заштита (МЖСПП смета дека нема ингеренции, а Мазија е едно од деветте жаришта на биодиверзитетот; има огромен притисок за урбанизација на крајбрежјето во Далјан, меѓу другото и Нефи Усеини да гради трикатен 40 м долг хотел на 57м од брег);
– измените на Планот за управување мора да се направат во итна постапка (за 6 месеци).
 
7. Во Национален парк Галичица непречено се одвиваат незаконски активности
– непречено бесправно градење;
– Острово БДБ ДООЕЛ Охрид оперира со флота од 9 АТВ возила без придржување на спогодбата од јуни 2021 г. (воопшто не пријавува тури);
– Острово БДБ ДООЕЛ Охрид една година по едностраното раскинување на спогодбата од страна на ЈУНПГ (20.10 2021) продолжува да ги оперира сплавовите во изворите на Св. Наум;
– Ultra Trail Ohrid – една од рутите навлегува во Зона за строга заштита
– се возат АТВ возила на брегот на Езерото;
– во Камп Љубаништа се прават забави со огномет (и во вода) и пуштање фенерчиња;
– се одбива зголемување на зоните за примарна заштита, а се наголемува притисокот врз постоечките без утврден носечки капацитет;
– се одбива инкорпорирање на целата вода на изворите Св. Наум во Зона за строга заштита (само заради удоволување на кафанските навики).
 
8. Целиот систем околу Оцените на влијанието врз животната средина мора да се реформира од корен (и кадровски и суштински), согласно Препорака 211 на Бернска конвенција од 3.12 2021 г. Ова мора да започне од МЖСПП
 
9. Од август 2021 институциите го повампирија стариот Закон за постапување со бесправно изградените објекти, кој:
– не содржи никакви клаузули кои ќе гарантираат заштита на светското наследство;
– дозволува легализација во 50 м крајбрежје;
– може да се легализираат времени објекти;
Сето тоа, во услови кога МЖСПП штанца мислења и решенија за буквално сè што им доаѓа, а доколку пак не издаде мислење се смета дека нема забелешки. Новиот закон (кој треба да биде построг), не се донесува.
Новиот предлог Закон за регулирање на статус на бесправно изградени објекти:
– дозволува легализација на 10 години нелегално градење (стариот ги опфаќање само градбите до 3.3 2011);
– дозволува легализација во Зоните за одржливо користење (тоа е 66% од површината на Студенчишко Блато);
– во заштитните зони на заштитените подрачја (50 м заштитна зона на Споменик на природата Охридско Езеро е крајбрежјето);
– од претходните верзии се отстрани клаузулата која легализацијата ја условуваше со изработка на оцена за влијанието врз природното и културното наследство (Препорака 9 од РММ 2017);
– започнатите постапки ќе се водат по стар закон иако новиот треба да биде построг во заштитените подрачја и подрачјата на светско наследство;
– дозволува легализација на објекти кои со стариот закон за легализација биле одбиени;
– аболицира криминал – Законските постапки за отстранување на нелегални градби започнати со стариот закон прекинуваат и се водат по новиот.