Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКаде заглавија елаборатите за „Скопје 2014“ – Алаѓозовски ги испратил, но Владата не ги добила

Каде заглавија елаборатите за „Скопје 2014“ – Алаѓозовски ги испратил, но Владата не ги добила

Владата тврди дека Министерството за култура сè уште ги нема доставено елаборатите подготвени од работната група за некои од спомениците од проектот „Скопје 2014“, но од Министерството велат дека елаборатите се испратени до сите надлежни институции.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на денешниот брифинг рече дека до Владата сè уште не се пристигнати елаборатите и дека кога ќе пристигнат, ќе бидат ставени на дневен ред на некоја од наредните седници на Владата.

Портпаролот на Министерство за култура, Петрит Сарачини, пак, за „Мета“ вели дека елаборатите се испратени до сите надлежни институции, како Владата, Град Скопје и Општина Центар.

– Елаборатите се испратени, институциите ги анализираат и се очекуваат предлози за решенија. Постапките за одлучување по овие елаборати ќе ги води надлежната институција што била одговорна за реализација на овие проекти – нагласи Сарачини.

Сарачини вели дека јавноста не треба да притиска, туку да почека процедурите за овие елаборати да се испочитуваат целосно, во согласност со законите, и дека потоа тие ќе бидат објавени.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, пред три дена во изјава за медиуми рече дека работната група ги подготвила елаборатите за спомениците на Андон Јанев – Ќосето кај комплексот судови, на Мајка Тереза и за „Воин на коњ“ на плоштад Македонија и додаде дека тие ќе бидат проследени до Владата, која ќе одлучи што понатаму со нив.

– Дел од елаборатите се подготвени и ги разгледуваме надлежностите на институциите на локално и на централно ниво за овие објекти – рече министерот за култура, кој појасни дека процедурите се толку згрешени што е сложено да се отплетка кој е надлежен да преземе активности во однос на овие објекти поставени во Скопје.

Алаѓозовски изјави дека културното наследство не само што не било соодветно третирано, туку дека било и злоупотребено.