Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов: Спречивме црно сценарио, заканата за напад се уште постои

Иванов: Спречивме црно сценарио, заканата за напад се уште постои

Претседателот Иванов во интервју за Дневник ја објасни безбедносната закана врз Македонија од страна на голема вооружена група од Косово која планирала одмазда за загинатите соборци во Дива Населба, а 40 од нив и ја преминале границата. Тоа се случувало во период на големите протести и кризата на јужната граница со протокот на бегалците при што македонските безбедносни сили биле преокупирани.

„Станува збор за многу поголема група вооружени и униформирани лица од Kосово, но 40-мина влегоа на нашата територија и ние постојано бевме известувани за движењата и активностите на таа група, но и за нивните јатаци овде, за оружјето и експлозивите што ги префрлија од оваа страна на границата и за она што го подготвуваат како одмазда за полициската акција на 9 мај минатата година во Kуманово. Знаевме дека имаат план да ги ослободат лицата што се обвинети во случајот „Дива Населба“ како нивни соборци или да киднапираат лица од јавниот живот во Македонија, кои потоа би биле разменувани за затворениците. За тоа се расправаше и на специјалната седница на Советот за безбедност кога службите н` известија за сите детали. Ги знаеме дури и имињата на водачите и на тие што им даваат поддршка во Македонија. Тоа е во време кога полицијата ја водеше министерот од СДСМ, кој беше на состанокот. Некои од плановите на оваа група се и отцепување на дел од територијата на Македонија. Станува збор за многу чувствителни информации и во тој момент на Советот за безбедност проценивме дека јавноста не треба да биде запознаена со ваквите детали и затоа јавно го соопштував само она што беше неопходно и можно. За намерите на оваа група се известени странските партнери кои преземаа мерки на превенција во Kосово. Групата е с` уште активна и не се откажува од своите намери“, тврди Иванов.

Исто како и во своето последно обраќање зборува за безбедноста ситуација на земјава и дека со одлуката за аболиција спречил безбедносна криза во Македонија.

Тој повтори дека неговата одлука за аболиција не е причина за насилните демонстрации и дека безбедносните информации говореле дека сценариото било однапред подготвено, а тоа му го потврдиле и служби од странски земји, како и негови колеги, Претседатели од неколку држави.

„Уште од почетокот на кризата нашите пријателски држави и нивните служби н` известуваа за тоа што н` очекува и што се подготвува. Оние што мислеа дека можат да направат насилни акти и активности што не се во согласност со Уставот и законите си ги потценија сопствената држава и нејзините институции и служби. Не само што сме перманентно известувани од партнерските служби туку и претседателите на неколку држави лично ми соопштија детали за сценаријата што се подготвувани за Македонија и за она што допрва не очекува. Има информации и од нашите служби кои сега не можам да ги соопштам јавно. Треба да се знае и дека беа мобилизирани и активирани и одредени криминални структури и поранешни затвореници за да прават нереди и насилство во државата. Нашите служби заслужуваат пофалба за тоа што информираа и превенираа навреме“, вели Иванов.

Тој не кажува конкретно кои држави ја дестабилизираат Македонија и чија е играта за дестабилизација на земјава, како што тврди.

„Во случајот „Пуч“ се сите одговори за ова прашање, затоа Заев на суд треба да одговори на прашањата за кои е обвинет. Има веќе една пресуда во овој случај каде што јасно се посочува зошто и по чиј налог биле правени снимките и во чија корист“, додава Иванов.

Иванов ги уверува граѓаните дека треба да бидат спокојни и да имаат доверба во институциите, иако, како што вели безбедносните служби биле тектонски нарушени од активностите на поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски.

„Се соочуваме со постојани и директни закани за безбедноста и наша работа е да ги намалуваме безбедносните ризици. Сега сосема се поинакви безбедносната состојба и нашата реалност. Полицијата и безбедносните служби се повторно под едно старешинство и една команда. Мигрантскиот камп во Идомени е испразнет. Заканата што беше од северната граница со преземената полициска акција засега е спречена. Го имаме случајот „Ќелија“ со повратниците од Сирија, кои си го признаа делото и се спогодија, а другите 86, кои се вратени, се под надзор на полицијата и се чека Обвинителството да ја доврши истрагата за нив. За оние што с` уште се во Сирија, Ирак и во Либија се прибираат сите можни информации. Граѓаните треба да бидат спокојни и да имаат доверба во нашите институции и служби. Целиот тој систем на разузнавачки служби на некој начин ни беше тектонски нарушен од активностите на Верушевски и неговата група. Но го издржавме тој удар и следуваат реформи во тој сектор. Мигрантската криза беше и шанса да ги видиме капацитети со кои располагаме во овие служби, сега откако Верушевски не е влијателен таму. Многу ни помогна и тоа што го активиравме кризниот менаџмент. Состојбите на безбедносен план навистина се поинакви и граѓаните треба да бидат спокојни“, вели Иванов.

Наскоро Иванов најавува втор бран на мигранти пожесток од првиот во којшто ќе доминираат економски мигранти.

„Во овој втор бран се очекува да доминираат економски мигранти кои најчесто доаѓаат од
неразвиени средини во Африка, лица што се поагресивни и кои многу ризикуваат затоа што, освен сопствениот живот, нема што друго да изгубат. Сега во прашање се милиони мигранти и само тоа е доволно застрашувачки. Затоа велам, наместо да ги користиме и трошиме ресурсите за обезбедување на протестите, треба да се концентрираме на вториот бран бегалци. Не станува збор само за хуманитарен, туку и за безбедносен проблем. Тој втор бран економски мигранти ќе биде искористен од сите оние екстремисти и терористи што сега се во Либија, кои ги губат битките на терен и се повлекуваат од таму за да дојдат во Европа. Безбедносниот проблем во вакви ситуации е на товар на државата. За полицијата и војската за првиот бран на мигрантската криза вонредно потрошивме над 30 милиони евра. Тогаш имавме потреба од специјална опрема од безбедносен аспект, како што е контрола на биометрски исправи, термални камери, теренски возила кои ќе бидат искористени на илегалните премини. Тоа го баравме од Европската Унија. Но тогаш дојдоа обвинувањата дека ни дале 52 милиона евра за бегалската криза. Ние уште ги бараме каде се тие пари? Kој ги примил, кога и за која намера? Ниту една институција не потврдила дека добила толку пари за мигрантите“, додава Иванов за Дневник.