Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов на аудиенција кај папата Франциск

Иванов на аудиенција кај папата Франциск

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Ватикан ќе има аудиенција кај папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светиот престол, кардиналот Пјетро Паролин.

На аудиенцијата како дел од државно – црковната делегација предводена од претседателот Иванов, ќе присуствува и министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој ќе гопридружува Иванов на средбата со кардиналот Паролин во Апостолската палата.

Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ Иванов вчера ја посети базиликата „Свети Климент” во Рим каде положи венец на гробот на Св. Кирил.

Македонскиот претседател ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде на негова иницијата во знак на благодарност од името на целиот македонски народ во 2015 година беше поставена спомен плоча на македонски јазик во чест на словенските просветители, браќата Св. Кирил и Методиј. Иванов ја посети и базиликата „Сан Паоло”, каде положи цвеќе на гробот на апостолот Св. Павле.