Monday, May 6, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИстече рокот за поднесување кандидатски листи за локалните избори

Истече рокот за поднесување кандидатски листи за локалните избори

Синоќа на полноќ истече рокот за доставување на листите на кандидати за градоначалници и за членови на советите од политичките партии до Општинските изборни комисии. Партиите ги официјализираа своите номинации.

Општинските изборни комисии во рок од 48 часа од приемот на листата на кандидати утврдуваат дали таа е поднесена во соодветниот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик.

На локалните избори самостојно ќе трчаат и 27 кандидати за градоначалници, а поднесени се и 47 советнички листи. Истече и 5- дневниот рок за евентуалните забелешки од партиите на Избирачкиот список, чиј јавен увид заврши во саботата на полноќ.

Според Државната изборна комисија, увид извршиле над 21 илјада избирачи, а по електронски пат речиси десет пати повеќе.

Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати за членови на советите и на кандидатите за градоначалници, Државната изборна комисија ќе ја одржи в понеделник.

Изборната кампања ќе почне на 25-ти септември на полноќ и ќе заврши на 13-ти октомври.