Sunday, May 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИма ли услови учебната година да стартува во септември?!

Има ли услови учебната година да стартува во септември?!

Преку  работна група, Министерството за образование и наука, во координација и консултација со претставници од  Комисијата за заразни болести во вторник или среда ќе имаат средба на која ќе ги договорат деталите за отпочнување на новата учебна година 2020/2021. Конечната верзија за официјалниот старт на новата учебна година, треба да помине на владина седница, а истата на јавноста ќе и биде презентирана на 10 август. Заменик-министерката за образование и наука, најави дека работната група и за време на продолжениот викенд ќе работи да ги финализира сите детали во документи, кои ќе им бидат предложени на членовите во Комисијата, кои и досега имале свои консултативни средби.

-Имаме модели и ќе оставиме на самите локални самоуправи,кои и самите имаат кризни штабови, самите да направат проценка кој модел, што ќе го понудиме и во кој период ќе биде корисен според епидемиолошката слика. Наш генерален став, како и во повеќето земји во светот, е наставата да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита. Тоа ќе зависи и од средината, дали има или нема  заболени од вирусот. Нема да биде проблем за помалите и руралните средини со помал број на ученици. Наставата со физичко присуство ни е многу важна за основците, особено за најмалите, од прво до трето одделение, кои не може да се описменуваат преку компјутер, а има и родители кои не можат или пак не знаат да им помогнат. Тука е многу важна и социјализацијата на тие деца- изјави заменик- министерката за образование Елизабета Наумовска за МИА.

Некои родители на социјалните мрежи најавија негодување околу овие најавени предлози од МОН за почнување и спроведување на новата учебна година, сметајќи дека здравјето на децата и нивната безбедност е најважна. Вториот човек во МОН , на тоа реплицираше дека наставата ќе биде спроведена под безбедносни протоколи и мерки, и дека сепак децата ќе носат маски и често ќе ги дезифицираат рацете, часовите ќе бидат скратени на 20 минути, а големиот одмор ќе биде исфрлен од наставата. Сепак  има и родители кои сметаат дека на децата им е потребен физички контакт и директна социјализација преку процесот на наставник-ученик, бидејќи тоа е единствениот начин, вистински да ја совладаат материјата.

-Апсолутно сметам дека здравјето на децата е пред се, и дека тие треба да бидат максимално заштитени, но јас како родител на двајца основци, мислам дека  МОН може да спроведе доволно добри безбедносни мерки децата да бидат заштитени при процесот на настава. Сепак, се остава и отворена опцијата доколку имаме зголемување на бројот на заболени, и влошување на состојбата со Ковид-19, наставата да биде прекината, бидејќи како што најавија и од надлежното Министерство, за да биде една година успешна, минимум 100 дена треба да бидат образовно обработени. И во секој случај, во летните денови, децата меѓусебе се дружат, контактираат и  си играат, така што и да останат дома во септември, не е најсигурниот начин дека ќе бидат заштитени, смета Весна Христова, родител на ученици во основното образование.