Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветИлир Мета го замени Бујар Нишани на претседателското место во Албанија

Илир Мета го замени Бујар Нишани на претседателското место во Албанија

Албанското Собрание во петокот попладне за нов претседател на државата го избра Илир Мета, досегашен претседател на Собранието.

Мета е избран за нов шеф на државата без присуство на пратениците на опозицијата, кои повеќе од еден месец ја бојкотираат работата на законодавниот дом.

Мета за нов претседател е избран во четвртата рунда на гласање, бидејќи во претходните три рунди немаше кандидати . Од вкупно 89 пратеници, за Мета гласаа 87.

Претходно владината коалиција составена од Социјалистите на премиерот Еди Рама и Движењето за Социјалистичка интеграција на Илир Мета, постигнаа согласност да останат во коалиција и на претстојните парламентарни избори кои се закажани за 18 јуни, но под услов Мета да добие поддршка од Социјалистите за претседател на државата. Мандатот на претседателот на државата е пет години, и Мета доаѓа на место на досегашниот претседател Бујар Нишани, инаку член на опозиционата Демократска партија .

Мета во својот поздравен збор нагласи дека ќе работи за продолжување на процесите на демократизација во земјата и продолжување на интеграциите на земјата во ЕУ.

„Членството во НАТО на Албанија е битен елемент за нејзината стабилност“, додаде Мета.