Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитика„Илинден“: Тирана ја потврди реалноста – во Албанија живеат Македонци, а не Бугари

„Илинден“: Тирана ја потврди реалноста – во Албанија живеат Македонци, а не Бугари

Македонско друштво „Илинден“ од Тирана, денеска, се огласи со соопштение, поздравувајќи го усвоениот предлог – законот за малцинства од страна на владата на Република Албанија.

Со него, како национални малцинства во Албанија се прогласуваат: Македонците, Грците, Власите, Ромите, Египќаните, Црногорците, Бошњаците и Србите.

– Ова е чекор напред и правна рамка за остварување на други права. Предлог-законот за заштита на националните малцинства набрзо ќе се најде на дневен ред во парламентот. Ги повикуваме политичките парти едногласно да го усвојат – се вели во соопштението на Македонско друштво „Илинден“.

Во предлог-законот за заштита на националните малцинства, се декларира дека Албанија како национални малцинства во земјата ги признава македонското, грчкото, влашкото, ромското, црногорското, српското, бошњачкото и египќанското малцинство.

Тој, како што велат од здруението, значи дека во Република Албанија нема Бугари,бидејќи официјална Тирана со законското решение за малцинствата во Албанија не признава бугарско малцинство.

Ова законско решение за прв пат се усвојува во Албанија, и тоа по барање на Брисел, во насока на интегрирање на земјата во институциите на ЕУ.

Владата соопшти дека со овој закон фактички се утврдуваат правата на малцинствата во согласност со Уставот на земјата, како и меѓународната Конвенцијата во рамките на Советот на ЕУ за заштита на малцинските права, ратификувана во 1999-та година.