Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИ Владимир Талески побара повлекување на аболицијата

И Владимир Талески побара повлекување на аболицијата

Градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, испрати писмо до претседателот Ѓорге Иванов, во кое бара да ја повлече аболицијата за него.

„Почитуван Претседателе на Р. Македонија, како градоначалник на Битола работам искрено, посветено и одговорно за доброто на граѓаните. Не сакам да има сомнеж или шпекулирање за моето законско работење и затоа од Вас барам аболицијата за мене да ја повлечете. Подготвен сум да ја докажам вистината за моето чесно работење, убеден дека надлежните државни институции ќе се интересираат за факти и докази, а не за тенденциозни и неаргументирани обвинувања“, се вели во писмото на Талески.

Тој погоре во писмото му честита на Иванов, за храбрата одлука за аболиција која е со цел и намера што побрзо да се разреши политичката криза во Македонија.

„Во еден неприроден склоп на околности, меѓу лицата кои добија кривични пријави од неуставното и незаконско СЈО, се најде и моето име – не по моја вина. Имено, во незаконските телефонски разговори, еден од двајцата соговорници во еден момент, под силна емоција, ме спомнува и ме клевети за некаков криминал и корупција, што не е вистина. Но, тоа е доволен аргумент за СЈО да направи невидена политичка хајка против мене и моите соработници. Обвинувањата и целата постапка од СЈО имаат единствено политичка заднина. Бидејќи јас лично никогаш не сум правел криминал, не се чувствувам виновен, не сум виновен и не сакам да бидам изедначен со вистинските криминалци во Р. Македонија“, додава Талески во писмото.

Специјалното јавно обвинителство, пред неколку дена, откри дека работи на случај под името „Транспортер“, во кој ја разоткрива мрежата на директорите на училишта во Битола и транспортерите, во кој се истражува како битолските ученици добиле најскап превоз, а во целиот случај вмешан е и градоначалникот Талески.

Вчера и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски испрати слично писмо до Иванов, да ја поништи неговата аболиција. Истото го направи и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој со ново писмо до претседателот Ѓорге Иванов, дополнително побара да ги поништи поединечните одлуки за помилување кои се однесуваат на него.

Ова доаѓа откако Иванов повика сите засегнати, ако сакаат да побараат лично од него да им се тргне аболицијата, а тој со правен тим, ќе ги разгледа законските можности за тоа.