Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаГруевски: Македонските компании заработиле 50 милиони долари од странските

Груевски: Македонските компании заработиле 50 милиони долари од странските

Никола Груевски продолжува да ги истакнува економските успеси на неговата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и да ја брани политиката за привлекување на странски компании бидејќи тие во соработката со македонските допринесуваат со 50 милиони долари.

– Тоа е така затоа што секоја година има се повеќе странски инвестиции и нови компании и заради тоа што домашните компании веќе ја препознаа можноста да го искористат тоа нивно присуство, да станат нивни добавувачи и на тој начин да добијат работа која што е поврзана со глобални играчи, индиректно преку компаниите од странство кои во Македонија отворија свои фабрики. Последниот податок за минатиов период е 50 милиони евра средства кои странските компании кои отворија свои фабрики во Македонија ги потрошија за добавување од македонски компании. Таа бројка е растечка, едно време беше 20, 25, па 30 милиони евра, сега веќе е 50 милиони евра на годишно ниво. Тоа покажува дека се поголема корист имаат домашните фирми и домашните компании од присуството на странските компании во Македонија, рече Груевски.

Се почесто Груевски и економскиот тим на владата ги потенцираат наводните успеси со странските директни инвестиции кои најверојатно ќе бидат главен стожер во предизборната кампања и на овој начин се бранат од бројните критики дека државата троши премногу за нивно прилекување со скапи економски промотори и роуд шоу, високи бенефиции и одржување на евтина работна сила. Исто така економските параметри укажуваат дека досега годинава влегле само 130 милиони долари како странски директни инвестиции, но тоа за власта не е пресудно за успехот на политиките.