Monday, May 6, 2024
HomeДЕНЕШНАРепублика(Фото) За сите рекреативци и авантуристи, прва зип-линија лоцирана во Пехчево

(Фото) За сите рекреативци и авантуристи, прва зип-линија лоцирана во Пехчево

Авантуристичкиот парк во Пехчево засекогаш ќе ја промени идејата за тоа како треба да се помине и доживее една планинска авантура во Македонија. Овој новоизграден парк е место кое содржи широк спектар авантуристички елементи, а една од нив е првата зип-линија во земјава, со должина од 240 метри и адреналинската патека со должина од 360 метри.

Зип-линијата се состои од две платформи поврзани меѓу себе со челична, поцинкована сајла. Линијата е дизајнирана да им овозможи на корисниците слободно движење со помош на гравитација, по разни препреки од врвот до дното, притоа употребувајќи сигурносни појаси. Зип-линиите доаѓаат во многу форми, а најчесто се користат како средство за забава и спаѓаат во категоријата адреналински/екстремни спортови.

zip-linija1

Во историјата зип-линиите се користеле како средство за пристап до оддалечените области, како што се дождовните шуми и џунглите на Костарика и Никарагва.

Во Пехчево, зип-линијата и адреналинската патека претставуваат структура од јажиња и сајли кои висат од едниот до другиот крај на патеката од високите дрва во густата шума, а се прицврстени за помошни објекти, па дури и за карпите или издигнувањата во релјефот. Како препреки во конструкцијата на zip-линијата се поставени цик-цак скали, буриња, колци и трупчиња, столбови, лулашки и греди, симулирани автомобилски гуми, мрежи, мостови. Во паркот на располагање има инструктори кои овозможуваат обука и помош при надминување на препреките и безбедно спуштање на земја за сите посетители.

За сите љубители на авантуризмот, зип-линијата нуди забавен адреналински предизвик преку возбудливото едрење низ планинскиот воздух, меѓу високите стебла на неверојатната борова шума и над малото барово езерце под линијата. Сето тоа на висина од 4 до 6 метри од тлото за сосема ново и неверојатно искуство.

zip linija 2

Паркот е инвестиција на општина Пехчево, а зип-линијата е под покровителство на хотел Гогов, новоотворениот хотел во градот кој нуди одмор и релаксација за сите туристи кои сакаат да го пробаат планинскиот туризам и да бидат дел од оваа адреналинска авантура.

Покрај авантуристичката понуда и исклучително чистиот воздух, посетата во Пехчево и Малешевските планини ќе ви овозможи и дополнително да дознаете нешто повеќе за локалниот екосистем на растенија и диви животни, како и за локалната историја и многу други интересни факти за малешевската област и регион.