Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЕУ ја одложи визната либерализација Турција, Косово, Украина и Грузија

ЕУ ја одложи визната либерализација Турција, Косово, Украина и Грузија

Државите членки на ЕУ ја одложија визната либерализација за Косово, Турција, Украина и Грузија, јавија денеска британските медиуми, повикувајќи се на извори од Европската делегација. Укинувањето на визите за Косово е забавено и покрај препораката на Европската комисија за либерализација на визниот режим со овие четири земји, наведуваат изворите од ЕУ, пренесува Танјуг.

И приштинскиот весник „Зери“ денеска објави дека Европскиот Парламент и Советот на министри на ЕУ нема да донесат одлука за визна либерализација за Косово пред есенва. Кога станува збор за Турција, Брисел вели дека оваа земја напредува во исполнувањето на 72 критериуми за укинување на визите, но со оглед на тоа дека Анкара ќе го пропушти јунскиот рок, поверојатно е дека визите ќе бидат укинати дури на есен.

Амбасадорите на ЕУ денеска разговараа за сличниот договор со Грузија, но одлуката за тоа не се донесе. Можно е ова прашање повторно да се разгледува идната недела, пред да разговараат за уште поконтроверзното прашање за Украина.
Холандија, која во моментов претседава со Унијата ги закажа техничките средби за Украина дури по завршувањето на состанокот на министрите за внатрешни работи во Луксембург, на 9 и 10 јуни, што е знак дека пред тоа веројатно нема да биде донесена одлуката за Киев.

По замаецот од пред неколку недели со потпишувањето на спогдобата ЕУ-Анкара за намалување на приливот на бегалци и мигранти во Европа, преговорите за визна либерализација запнаа заради одбивањето на Турција да ги промени своите закони против тероризмот.

Слабеењето на еланот за Турција ја искомплицира состојбата и кај другите три земји, изјави дипломат, навестувајќи дека времето до летната пауза полека истекува. Европскиот Парламент што треба да ги усвои ваквите спогодби последната седница ќе ја одржи од 4 до 7 јули, а потоа со работа ќе продолжи дури кон средината на септември.