Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЕЛЕМ ќе бара јаглен во Пијанец

ЕЛЕМ ќе бара јаглен во Пијанец

Во март ќе започнат деталните геолошки истражувања на јаглен во Пијанец. Истражувањата ќе се вршат на две локации, на потегот Ѕвегор-Стамер и во областа меѓу селата Панчарево-Истевник. Инвеститор е државното Електростопанство.

Во таа насока, АД ЕЛЕМ утре ќе организира јавна расправа за жителите од с. Панчарево, Пехчевско, Како што информира градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, на локацијата каде што лежи јаглен, само во пехчевскиот дел има околу 500 приватни парцели, дел од ова земјиште не е обработливо.

– Сепак, јаглените како минерална суровина, доколку излезат на површина, и овде се отвори рудник и термоцентрала, ќе значи дека регионов може да се надева на стотина нови вработувања, што ќе значи и задржување на младите во родното место, но и економска сигурност на општината, вели Поповски.

Делчевско-пехчевскиот басен крие над 50 милиони тони јаглен со квалитет, кој одговара на квалитетот на јагленот на Суводол. Првите истражувања на теренов се правени пред повеќе од 30 години. Експертите велат дека експлоатацијата на овие минерални суровини треба да придоне за намалување на енергетската криза во државата, но таа е и можност за нови работни места на општините од крајниот исток.