Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЕл Чапо ќе биде екстрадиран во САД. Дали му се заканува смртна казна на нарко босот

Ел Чапо ќе биде екстрадиран во САД. Дали му се заканува смртна казна на нарко босот

Мексико го одобри екстрадирањето на Хоакин Гузман, „Ел Чапо“ во САД и доби гаранција дека нема да му се заканува смртна казна, објави мексиканското министерство за надворешни работи. Според мексиканскиот закон, Гузман може да се жали на таa одлука, што екстрадирањето може да го одложи за неколку седмици или месеци. Неговиот адвокат потврди дека ќе се жали.

Официјалната постапка за екстрадиција на Ел Чапо во САД беше покрената на 10-ти јануари во Мексико, откако претставниците на Интерпол пристигнаа во затворот во Алтиплано и предадоа два „налози за апсење со цел за екстрадиција“. Адвокатите на Ел Чапо тогаш соопштија дека ќе влезат во „тешка“ правна битка и ќе одат до Врховниот суд за да ја спречат екстрадицијата.
guzman-el-chapo
Гузман беше еден од најбараните нарко-босови на светот додека не беше уапсен во јануари годинава, шест месеци откако побегна од затворот во централно Мексико низ подземен тунел долг километар и половина. Тој пред десет дена беше префрлен во затворот во Сиудад Хуарез, на границата со САД. На судовите во американските сојузни држави Калифорнија и Тексас ќе одговара за криумчарење дроги, перење пари и убиства. Мексиканските власти „добиле од американските власти гаранции дека нема да добие смртна казна“, објави мексиканската дипломатија.

Мексиканскиот наркобарон Хоакин Гузман Лоер, познат и како „Ел Чапо“ (Кусиот) поради неговата височина од само 152 сантиметри, водач на наркокартелот Синалоа, беше уапсен во првата седмица на јануари во истоимената сојузна мексиканска држава, шест месеци по филмското бегство од затвор со висока безбедност во Алтипплан, каде што повторно беше вратен.
Joaquin "El Chapo" Guzman Escape Tunnel
Гузман кон средината на ланскиот јули избега по втор пат од затворот со максимално обезбедување. Според очевидци, наркобосот последен пат бил виден во туш кабината во еден од затворските блокови. Сознанијата велат дека осуденикот бегството го извел со помош на наркокартелот Синалоа, една од најголемите злосторнички организации во Мексико.

Лоер беше уапсен и осуден на дваесетгодишна затворска казна уште во 1993 година. Потоа, откако мексиканските власти решија да им го предадат на САД, тој започнал да подготвува бегство од затворот. Гузман тогаш поткупил неколку затворски чувари и на 19-ти јануари 2001 година побегнал, сокривајќи се во комбе кое превезувало валкана облека. Во неговиот план за бегство, како што подоцна откри истрагата, биле вклучени речиси осумдесет луѓе.

Тогаш властите понудија награда од 2,3 милиони долари за информација што би овозможила ликвидација на Гузман. Наркобаронот беше уапсен повторно во февруари 2014 година, во еден од хотелите во градот Масатлан во западно Мексико.
el capo 1
Со статусот на легендарен и недофатлив мексикански крал на дрогата, се проценува во моментов на една милијарда американски долари. Ел Чапо неколку години се наоѓаше и на листата на најбогатите и највлијателни личност на светот во рејтинг листата на списанието Forbes. Магазинот го нарече Ел Чапо тие години еден од највлијателните луѓе на планетата, бидејќи го контролирал речиси целиот американски пазар на кокаин, кој тогаш му донел 300 милиони долари. Поради тоа американските власти распишаа награда за негово апсење од 5 милиони долари.

Магазинот Forbes рангирајќи ги личностите според „четири димензии на моќ“: влијание врз други луѓе, контрола на богатства, разновидност на влијанијата и активно користење на моќта во 2009 година Хоакин Ел Чапо Гусман, наркобаронот кој тогаш беше во бегство во зафрлените планини на северот на Мексико, го рангираше како глобално помоќна личност од тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев, од поранешниот француски Николас Саркози и од сега починатиот венецуелски претседател Уго Чавез.

На тој список на „најмоќните луѓе на светот”, Гузман беше рангиран на 41 место, две места пред Медведев и дури 15 места повисоко од Саркози, и само четири места подолу на листата од најбараниот терорист Осама бин Ладен, сега ликвидираниот водач на Ал Каеда.

Кога во 2007 година 52-годишниот Гузман правеше свадба со 18-годишна убавица, банкетот беше толку добро обезбедуван што армијата не се ни обиде да го приведе младоженецот.

извор: Макфакс