Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕкстерното годинава го олеснил државниот буџет за 2,3 милиони евра

Екстерното годинава го олеснил државниот буџет за 2,3 милиони евра

Екстерното тестирање, со одлука на Владата, од годинава замина во историјата, но заедно со него во неповрат заминаа и 173.000 евра што биле потрошени за годинешните подготовки и за надградба на софтверот, покажуваат податоците од Државниот испитен центар (ДИЦ), пишува „Слободен печат“. Освен компјутерските администратори што низ годините од оваа реформа заработиле повеќе од 800.000 евра, извештајот на невладината организација „Центар за управување со промени“ открива дека во изминатите седум години вкупно 87.845.000 денари биле потрошени за исплата на платите на вработените во Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар.

Компјутерџиите со најголема добивка

Од податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ) може да се види дека најголема добивка од екстерното тестирање имале компјутерските администратори што биле ангажирани како надворешни соработници, но и го изготвувале софтверот за тестирањето, пишува порталот „СДК“.

Како што е наведено, компјутерџиите досега земале повеќе од 660.000 евра, а дополнителни 150.000 евра им платило Министерството за образование за изработка на софтверот за тестирање.

Податоците на ДИЦ откриваат дека и покрај тоа што екстерното тестирање беше укинато оваа година, сепак од државниот буџет веќе биле потрошени 173.000 евра, а како што е наведено, 122.000 евра биле исплатени за надворешни соработници што работеле на администрирањето, 50.000 евра биле потрошени за надградба на софтверот, а 1.000 евра биле потрошени за такси, патни трошоци и објавување конкурси за ангажирање контролори и набљудувачи.

Според податоците, најмногу пари кај компјутерџиите се излеале минатата година кога им биле исплатени 216 илјади евра, а најмалку исплата имало првата година кога за оваа ставка од Буџетот биле потрошени само 200 евра.

Компјутерските услуги во 2012 година чинеле 1.000 евра, но во наредните години енормно поскапеле, откриваат податоците на ДИЦ и посочуваат дека во 2013 година за овие услуги биле потрошени 116.000 евра, 91.000 евра биле исплатени во 2014 година, а во 2015 година компјутерџиите заработиле 70.000 евра.

Скапа подготовка и високи плати

Истражувањето на невладината организација „Центар за управување со промени“ покажува дека само за подготовката на тестовите за екстерна проверка на учениците во последните две години биле потрошени 2.930.000 денари.

Според истражувањето, екстерната проверка на постигнувањата на учениците чинела вкупно 55.595.000 денари во периодот од 2011 до 2016 година, а во анализата не е изоставен ниту износот на бруто-платите за вработените што работеле на оваа реформа.

Како што е наведено, на вработените од Бирото за развој на образованието за минатата година им биле исплатени 15.645.000 денари или 82.845.000 денари вкупно низ годините додека траело екстерното тестирање, а на вработените од Државниот испитен центар им биле исплатени 1.260.000 денари за минатата година или вкупно 5.040.000 денари од 2011 до 2016 година.

Придружете ни се Facebook >
„Вкупниот трошок на екстерното тестирање за периодот од 2011 до 2016 година изнесува 140.557.500 денари, односно околу 2,3 милиони евра. Двете важни претпоставки се однесуваат на степенот на извршување на буџетските средства, односно бројот на вработени и работни часови во јавната администрација посветени на екстерното тестирање. Во анализата недостига процена на трошоците по вработен од неколку институции што имаат надлежности, а овој преглед не ги опфаќа ниту трошоците што се направени во буџетските години пред 2011 година. Оттука, сосема е извесно дека реалните трошоци поврзани со екстерното тестирање би можеле да бидат повисоки“, наведено е во извештајот на невладината организација.