Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаЕксперти ќе проценуваат дали некои од измрзнатите јаболкници може да се спасат

Експерти ќе проценуваат дали некои од измрзнатите јаболкници може да се спасат

Поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Димовски, кој направил увид во состојбата со јаболковите насади во Преспанскиот Регион, за „Мета“ потврди дека станува збор за речиси стопроцентно оштетување.

– Цветната маса не е измрзната, туку буквално замрзната, по што воопшто не може да се очекува род. И покрај користењето на традиционалните начини за загревање на просторот и за спречување на измрзнување на овошните цветови, нема успех во спречување или намалување на оштетувањата. Потребна е процена на загубен род по единица површина, број на стебла, како и процена на вредност на штетата по единица површина, и посебно, за секој индивидуален земјоделски производител, врз основа на просечната цена за килограм од минатогодишната реколта – вели Димовски.

Овие процени треба да ги направат комисиите за процена на штетите кои, како што информираше заменик-министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски, биле формирани на итна владина седница и ги сочинуваат експерти од областа на земјоделството, посебно во овоштарството и од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.

– Беше донесена и одлука да се формира меѓуресорска комисија на институциите што ќе ја утврди методологијата врз основа на која ќе се направи процената на штетите, базирана на првичните процени од страна на комисиите, што треба да ја реализираат во најкраток можен рок – изјави Костадиновски.