Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаХрватска ги враќа старите цени за извоз на овошје и зеленчук

Хрватска ги враќа старите цени за извоз на овошје и зеленчук

Хрватскиот министер за земјоделство, Томислав Толушиќ, се откажал од зголемувањето на надоместокот за фитосанитарна инспекција на овошјето и на зеленчукот што се увезува во Хрватска од Македонија, Србија, БИХ и од Црна Гора, јави хрватскиот „Т-портал“.

Со тоа, цената на контролата по производ ќе изнесува 90 куни (12 евра) како и досега, наместо 2.000 куни (274 евра) по производ, како што предвидуваше новиот правилник усвоен на 15 јули годинава.

Македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со колегите од другите земји, реагираше до Толушиќ. Завчера двајцата разговарале по телефон, а Николовски бил во постојан контакт со надлежните министри од Република Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, по состанокот што се одржа претходниот ден во Сараево.

Како што пишува „Т-портал“, во хрватското министерство се разговарало инспекцијата да поскапи на 750 куни, односно 100 евра, што Србија и БИХ го прифатиле, но и од тоа се откажале, оти така би поскапел и извозот на хрватските фирми во другите земји.

Поскапувањата предвидени со новиот хрватски правилник усвоен на 15 јули се однесуваа само на земјите што не се членки на ЕУ, додека за тие во европската заедница беа предвидени дотогашните цени за фитосанитарна контрола.