Saturday, Apr 20, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРИзложбиДали небото навистина е сино – Самостојна изложба на Лина Дамјан

Дали небото навистина е сино – Самостојна изложба на Лина Дамјан

Љубителите на македонската ликовна сцена ќе имаат можност на да присуствуваат на отвoрањето на новата самостојна изложба „Небото е сино“ (The sky is blue) на Лина Дамјан. Изложбата ќе биде отворена на 21 април од 20 часот во галерискиот простор на МКЦ во Скопје.

„Главната мисла на оваа изложба е запишана во насловот, небото. Небото е еден замислен поим, именка, всушност тоа е човечката интерпретација за просторот во универзумот кој е видлив за нас. Па така небото е сино за нас, од овоземна перспектива и време. Кој би знаел какво е од некоја друга незамислива позиција. Во небото е слободата, во небото се мечтите и трансцедентните доживувања. Така и оваа изложба е составена од дела слободни сами по себе. Во тоа подразбирам: големите формати, фантастичните, а луцидни форми, репетитивност, експериментирање со медиумите, па така и звучните и светлосните стимулации за време на поставката“, вели Лина Дамјан.

Оваа изложба е од амбиентален карактер и го претставува небото во апстрактна форма. Восхитувајќи се кон убавината и моќта на небото, делата пробуваат да го фатат секој негов миг, секој атом и движење во него. Преовладуваат сини тонови, од најтемни до најсветли, чиста бела и чиста црна боја (симболи за светлината и темнината во небото) преземена од поп-артот, а форматите се искористени во максималистички стил. Поставката ќе биде изложена до 10 мај.

„Оваа сликовност која ги оживува духовната состојба на исконската човекова загледаност во себе и сопственото место во космичкото беспатие и прикриената драматичност, својствена за авторовата креативна личност која го чувствува пулсирањето и промените во природата а индиректно и во општеството, нé враќа на праизворот на создавањето. Суштински, принципите на светлината и нејзината пробивност во стварната, или симболичката визуелна семантика на темнината се спротиставени или соединети во целина која во својата единственост и силна енергија го привлекува вниманието на авторот и повикува на преиспитување на сопствените визии за светот“, оценува Горанчо Ѓорѓиевски.

Експериментирањето со идејно-концептуалните премиси овозможува единствен ликовен продукт со продлабочени естетски резултати. Визуелното восприемање на светот кој ја опкружува преплетено со нејзината имагинација создава ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави. Овие сликовити претстави создаваат портал кој води до авторовите емоции и творечки сензибилитет. Така се создава нова уметничка ситуација во која се рефлектираат одредени конкретни состојби на основите на личните приказ(н)и кои се колку лични, толку и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот.

„Глобалното третирање на социјалните и општествените теми, како мода во уметноста беа инспирација и мотив за овие творби. Јас движам дијагонално од тие теми бидејќи оваа изложба е создадена од експлозии на чувства, рефлексија на моето размислување и естетика. Фокус на игра со тонови од една боја и светлина е она што ја карактеризираат оваа изложба. Таа се состои од седум дела, видеопроекција, три дигитални слики, принтови и три платна од кои едното е диптих. Пластично и надреалистично претставување на небото во секое дело, со посебна синтетичност во дигиталните слики, но сепак со органски линии. Видеото, анимацијата е движење низ просторот, исполнето со амбиентална музика, со вибрирачки звуци и ангелски гласови“, вели Лина Дамјан.

Оттука се поставуваат и прашања: Што претставува небото во делата на Лина Дамјан? Дали навистина небото е сино? Лина Дамјан со оваа изложба создава ново НЕБО на македонската ликовна сцена со своето творештво.

Лина Дамјан е родена во 1997 година во Скопје. Во 2020 година завршува на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на катедрадата за сликарство. Учествува на повеќе групни изложби во Македонија и надвор, а има реализирано две самостојни изложби „Пиктографија“ и „Renaissance fragments“.