Friday, Apr 26, 2024
HomeUncategorizedДа се смени законот за семејство и право на старателство

Да се смени законот за семејство и право на старателство

Група родители бараат измени на Законот на семејството и воведување на заедничко старателство и одговорно родителство и по развод, пренесуваат од Првата детска амбасада Меѓаши. Наум Рибароски од родителската Иницијатива вели дека моделот на заедничко старателство е комплетна спротивност на досегашната пракса и основната цел на иницијативата на групата родители е воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство со што би се остварила праведна положба на родителите во однос на остварувањето на родителските права по развод. Поддржувајќи ја оваа иницијатива, од Првата детстата амбасада во светот Меѓаши нагласуваат дека децата имаат право и заслужуваат квалитетно и одговорно родителство и по разводот на нивните родители.

megasi

„Основната цел на иницијативата на група родители за воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство е да се смени сегашната неправедна положба во однос на остварувањето на родителските права по развод. Досегашниот концепт на еден главен родител на кого (доколку нема меѓусебен договор, што најчесто е тешко да се постигне при развод) му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство, е пред сѐ штетен за децата кои де факто го губат едниот родител. Затоа предлагаме нов концепт со кој двата родитела, и по развод, ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак“, вели Наум Рибароски од иницијативата на група родители.
Тој нагласува дека главниот проблем не произлегува од сегашниот Закон за семејство, туку, како што вели, од неговото неразбирливо толкување.

„Никаде во Законот не е пропишано колку време треба да поминува со своите деца родителот што не го добива старателството. Сепак, за да се остварат во пракса промените што ги предлагаме, Законот мора да претрпи измени бидејќи е општ и дава можност за секакви толкувања. Ние предлагаме три главни измени во Законот за семејство. Како прво, експлицитно наведување дека принципот на еднакви права и обврски на родителите кон децата продолжува и по разводот на бракот. Родителите мора да се договорат околу грижата и воспитувањето на своите деца по разводот, како и да го уредат начинот на видување на децата, водејќи пред сѐ сметка за интересите на децата. Како второ, доколку не е можен договор меѓу родителите, конечната одлука за грижата и воспитувањето на децата ќе ја донесе Судот на препорака на ЦСР, при што задолжителна и појдовна основа при одлучувањето ќе биде доделување на поделено старателство и еднакво видување на децата за двата родитела. Ова ќе важи за сите случаи освен кога во судска постапка и со докази ќе се утврди дека едниот родител од определени причини (психички заболувања, злоупотреба на алкохол или наркотици, физичка или сексуална злоупотреба и др.) не е целосно или делумно соодветен за поделено старателство и тоа треба сразмерно да му се намали или целосно одземе, зависно од ситуацијата. И како трето, дополнување на одредбите што предвидуваат дека ЦСР ќе врши надзор над извршување на родителското право, во смисла дека принципот на еднакво видување може да претрпи промени само ако се утврди дека таквиот начин на гледање е штетен за развојот на децата, ако едниот родител не е подобен за остварување на родителски права или ако едниот родител експлицитно се изјасни дека не е во состојба или не сака да ги гледа децата според овој принцип“, образложува тој.