Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЧаушот: Ме тепаа за да кажам дека УСБ-то ми го дале Заев и Верушевски

Чаушот: Ме тепаа за да кажам дека УСБ-то ми го дале Заев и Верушевски

Обвинетиот Захир Бекири – Чаушот кој е обвинет за аферата фалсификувани лични карти пред да почне судењето за овој случај побара збор од судијата и обелодени дека бил повикан во Основното јавно обвинителство каде бил психички малтретиран, а потоа и физички нападнат.

На 26 февруари во 10 часот од затворот „Идризово“ каде Бекири одлежува затворска казна го однеле во Обвинителството за случајот со фалсификуваните лични карти.

„Таму беа три лица, директорот на УБК, (Љупчо) Андоновски кој се претстави со лажно име, Александар, јавниот обвинител Јован Цветановски и уште едно друго лице. Обвинителот Цветановски со висок тон ми се закани дека доколку не кажам дека УСБ-то (со снимени разговори) ми го дале Зоран Заев и Зоран Верушевски ќе ми ја затворат целата фамилија“, тврди Бекири.

Бекири не прифатил да потпише такво нешто и тврди дека бил малтретиран се до 16 часот во обвинителството. „Андоновски ми рече „Господ нека ти е на помош““, раскажа Бекири.

После тоа тој бил однесен во канцеларијата на обвинителката, Наташа Гоџовска која го води случајот и кај неа телефонски се слушнал со својот адвокат Мирослав Вуиќ, кој не бил во земјава, и во договор со него потпишал дека е приведен во обвинителството и дека бара присуство на својот адвокат при давањето исказ.

„Потоа бев вратен во другата соба кај трите лица. И јас малку претерав, ги опцув, можеби ги провоцирав. Тројцата се нафрлија и бев тепан“, рече Бекири.

Првото судско рочиште за овој случај се одложи бидејќи адвокатот Вуиќ побара увид во доказите бидејќи ниту тој ниту обвинетиот не ги виделе доказите за овој случај којшто се води по скратена постапка. Обвинителката Гоџовска објасни дека Обвинителството не е обврзано да му ги достави доказите до одбраната, но се согласи одбраната и обвинетиот да направат увид и препис на доказите коишто се наоѓаат во Основниот суд Скопје 1.

Бекири при барањето на збор од судијката побара изземање на јавната обвинителка, но подоцна во консултација со својот адвокат го повлече предлогот, бидејќи судијката ќе требаше да одлучува најпрвин за тоа и одбраната немаше да има можност да ги види доказите.

Бекири не се најде на списокот на помилувани лица од страна на претседателот, Ѓорге Иванов кој ги запре кривичните постапки за сите политичари и нивни соработници.

Според адвокатот Вуиќ со тоа се демантираат шпекулациите во јавноста дека Бекири изработувал фалсификувани лични карти.

„Захир Бекири во јавноста е познат како фабрикант на лаги, документи и пасоши, близок соработник на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, член на СДСМ, меѓутоа и покрај тоа јас не го прочитав во одлуката на Ѓорге Иванов. Иванов го заборавил или тоа е демант на сите шпекулации кои се ширеа во јавноста дека фабриката на лаги е на сосема друго место?“ праша Вуиќ.

Захир заедно со својот брат Имер се сомничат дека стојат директно зад аферата со фалсификуваните лични карти.

Судењето се одложи за на 25 април, а одбраната ќе ги разгледува доказите на 18 април. Бекири се наоѓа во притвор за ова дело иако претходно одлежувал затворска казна за друго дело. Оваа затворска казна е прекината и е префрлен во притвор за овој случај.

извор:Макфакс