Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБошњаковски: Ако Мицкоски не формира влада сам треба да иницира процес за ново раководство

Бошњаковски: Ако Мицкоски не формира влада сам треба да иницира процес за ново раководство

Во богатата 130 годишна историја на ВМРО може да се најдат низа на успони и падови, како и огромен број грешки и правилни одлуки. Од таа историја може да научиме две клучни лекции релевантни и за денешницата:

i) Секогаш кога Организацијата била меѓу народот и се борела за домашните односно внатрешните интереси (како во периодите 1893-1903 и 1918-1924), таа растела, успевала да ги обедини сите идеолошки струи и била доминантна сила на македонските територии.

ii) Секогаш кога нејзините лидери забегувале со своите суети, идеолошки екстреми или желба за богатење (1903-1912) или кога Организацијата била водена од лидери со слаб легитимитет кои таа слабост ја компензирале со екстремна централизација и се ставале во служба на странски интереси (1924-1934), тогаш Организацијата слабеела до ирелевантност.

Со оглед на наведеното и тешките пост-изборни околности ова е моето мислење за моменталните процеси во ВМРО-ДПМНЕ: Од една страна, тие што се критично настроени према моменталното раководство и д-р Христијан Мицковски, треба да бидат трпеливи и да остават шанса за формирање влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пред да тргнат во отворена кампања за промена на раководството. Од друга страна, доколку д-р Христијан Мицковски не успее да формира влада тогаш тој треба сам да го иницира процесот за транзиција кон ново раководство на партијата во очи на локалните избори кои следат во 2021 година.

Сметам дека постигнување на ваков компромис меѓу заинтересирани страни во и околу партијата е добра основа за идно помирување и обединување, без разлика на исходот од преговорите.

Доста беше со суети или лични амбиции. Време е за мудрост, сила и храброст при носењето на одлуките. Сите треба да знаат дека вечноста на историјата е многу подолга од моменталната власт, слава или богатство.

Владо Бошњаковски, поранешен член на извршниот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и негов меѓународен секретар