Friday, Apr 26, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРФилмБоливуд во Македонија – Заврши снимањето на првиот индиски филм во Скопје

Боливуд во Македонија – Заврши снимањето на првиот индиски филм во Скопје

MIND продукцијата од Индија соопшти дека го завршила снимањето на првиот Боливудски филм „Vijay 61“ во режија на индискиот режисер Арун Кумар – Атле. Сцените од новиот акционен трилер се снимаа во Македонскиот народен театар, последните кадри од филмот  беа снимени на плоштадот во Скопје.

Влегувањето на Боливуд е резултат на долгогодишната работа на македонскиот продуцент Дејан Илиев, кој заедно со локацискиот менаџер од Индија, Натарајан Рамџи ја основаа продуцентската куќа „MIND“ и го обезбедија снимањето на овој огромен проект во нашата земја.

Снимањето на филмот почна на 1 февруари. Зад филмот стои големата индиска продуцентска и дистрибутерска куќа „Шри Тенандал Филмс“, која постои од 1976 година и работи во сите регионални филмски индустрии во Индија. Филмот се снимаше во Индија и во Македонија, а продолжува во Полска, во Краков и во Гдањск. Завршувањето на филмот продуцентите го најавуваат за крајот на годината.

Филмската екипа од Македонија ја сочинуваа 50-тина луѓе и беше вклучена во речиси сите сегменти, во продукцискиот дел, сценографија, на која работеше Влатко Зафирковски, костимографија, за која беше ангажиран Раде Василев, шминка, светло, сцена, пиротехника, транспорт. На филмот беа ангажирани 750 статисти кои играа полицајци, новинари, фоторепортери, како и публика бидејќи, како што се наведува, сцената која се снимаше кај нас ја претставува сцената што во филмот се случува во еден париски театар. Во филмот учествувале актери, балерини, танчери, кореограф или над 1.000 луѓе од Македонија.

Локацискиот гуру Натарајан Рамџи најави дека следната година во Македонија ќе се снимаат 20 боливудски филмови. Македонскиот продуцент Илиев изјави дека веќе се работи на тоа да се донесе следниот боливудски филм, а можно е продуцентската куќа „Тендали“ својот следен филм да го снима во Македонија.